Скоро и да нема вечер кога во Скопје нема да пламне некое возило. Скоро и да нема пример кога полицијата има откриено зошто тоа се случува и има ли виновници за пеплосанините возила и вознемирената јавност. И така, Скопје навечер го осветлуваат пожари, а нема кој да ги расветли причините за тоа.
Форензичките екипи на полицијата вчера извршиле увид по прексиноќешниот голем пожар во кој изгореле четири камиони на приватна компанија во Бутел. Дали нашле траги на некакво намерно палење за јавноста остана непознато, но сопственикот се сомнева дека тоа е сторено намерно.
Каков ќе биде епилогот на ова истрага останува да се види. Но, искуствата со истрагите за случаите на запалените возила по градот не даваат оптимизам дека и овој случај ќе се разјасни. Десетина случаи на запалени возила имаше во последниве месеци по градот но најголемиот дел од нив остана нерасветлен.
На почетокот на годинава, во периодот јануари – февруари изгореа шест автомобили – во Визбегово, Карпош, Центар… Пред три дена на улица „Ордан Чопела“ прво почнал да гори „бмв“ а потоа изгореа уште три автомобили. „БМВ“ неколку дена пред ова гореше и во скопски Бутел, во јули во село Крушопек е запален џип „мерцедес МЛ 320 ЦДИ“ а сопственик видел едно лице како го полива со запалива течност. Во јуни, пак, МВР информира за случаи на две запалени возила и едно полиено со запалива течност во текот на ноќта на две локации во Скопје.
Можно ли е причината за овие пожари да е „неисправната инсталација на возилата“? Можно е во некои, но дали и за сите случаи? Тешко. Очигледно се работи за намерни палења чии виновници полицијата тешко ги открива. Да не беше неодамнешен случај во Ново Лисиче во кој благодарение на камерите се виде дека имало самозапалување во едно возило, полицијата не ќе можеше да каже дека решила некој ваков случај. Очиглено, проблемот со горењето на автомобилите е серизен и полицијата мора да го смени односот кон овие случаи. Вака, со нерешавањето на ниту еден случај потпалувачите само се охрабруваат. Пироманите не се плашат од вообичаената полициска реченица: истрагата е во тек.