Ќе прават ли склекови кандидатите за војници во АРМ пред штабот на СДСМ во Арачиново?

Повик до кандидатите коишто се пријавиле на конкурсот на Министерството за одбрана за прием на војници да се јават кај претседателот на огранокот на СДСМ во Арачиново беше објавен вчера на фејсбук-страницата на овој партиски огранок.

-Почитувани сонародници, ве повикуваме сите кои што аплициравте на огласот на Министерството за одбрана за прием на војници во Армијата на Република Северна Македонија, кандидатите да се појават кај претседателот на огранокот во Арачиново или кај членовите на раководството на огранокот СДСМ-Арачиново, се вели во повикот на партијата објавен на Фејсбук.

Ова веднаш предизвика реакција на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која обивни дека се работи за сканадлозен случај.

– Ова е и работа која не може да помине без знаење на дезертерот Ковачевски и неговиот калфа Миле Зечевиќ. Тие се директно одговорни, бидејќи партиските претседатели одговараат директно пред нив. Дезертерот Ковачевски, калфата Зечевиќ и Славјанка Петровска директно го загрозуваат НАТО, колективната безбедност и кредибилитетот на Алијансата. Ова е срам за Владата, срам за АРМ. Потребни се оставки веднаш, изјави синоќа на вонредната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Министерството за одбрана, пак, синоќа ги демантира натписите во дел од медиумите во овој контекст, и информира дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди.

-Процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат било какви партиски или друг вид на влијание. Во Армијата војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот. Најдобрите ќе бидат примени!, соопшти МО.

Со реакција се јави и владејачкиот СДСМ од каде се оградуваат од објавата на Фејсбук-страницата на Општинската организација во Арачиново, посочувајќи дека се работи за злоупотреба.

-Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност, посочуваат од СДСМ.

Но, одговорот кој стои зад објавениот повик на Фејсбук-страницата на СДСМ во Арачиново нема. Односно, дали имало упад на страницата или, пак, се работи за објавата од локалниот партиски штаб? Инаку, објавата веќе ја нема на партиската страница на оваа социјална мрежа.

Претходна вестПроруските власти во Луганск, Запорожје и Херсон тврдат дека успеал референдумот за спојување со Русија
Следна вестОдобрени 17,7 милиони евра за енергенси за парно греење во Скопје