Кој го остава европскиот шампион Вардар сам во оваа битка­?

РК Вардар е спортска гордост на Скопје. Но, за жал веќе неколку месеци европските шампиони како да се заборавени од сите кои на сет глас велеа дека ќе му помогнат на тимот.

Саботниот важен дуел со Мотор Запорожје може да биде еден од последните на двократниот европски шампион и за ракометарите на Вардар. Предупредувањето кое вчера го искажа капитенот Стојанче Стоилов треба да се сфати најсериозно и да се постави прашањето: дали тоа треба да се дозволи?

Досегашниот спонзор делува немоќно. Сега е прашање дали сите во државата и во градот на кои што им значи една од гордостите што ја имаме ќе дозволат да згасне клуб каков што е Вардар. Тешката финансиска состојба и несредениот статус не е од вчера.

Лани, ракометарите покажаа како се сака ракометот и клубот кога и во тешка финансиска состојва беа заедно, се бореа и го освоија европскиот трон. Но играчите по тоа очекуваа поддршка, а таа ја немаше…

Ветувањата за помош кажувани пред телевизиските камери кога се славеше европскиот триумф веќе избледеа. Бизнисмените и политичарите, градски и владини, гарантираа дека ќе се инвестира во Вардар. Ќе се потсетат ли сега на своите зборови? Големиот ракометарски мајстор Стоилов вчера истакна дека „односот кон европскиот шампион е смешен“.

Скопјани, особено верните навивачи својата љубов кон клубот сигурно ќе ја покажат веќе во сабота на натпреварот со Мотор. Граѓаните си го сакаат клубот, но дали го сака барем некој од оние што се фалеше дека ќе помогне?

И да не заборавиме, токму деновиве се делат големи државни пари (милиони евра) за разни спортски клубови и федерации…