Ќе ги слушне ли некој апелите на скопјани да се забрза поправката на улиците, метежот е неподнослив

Пеколно топлото време дополнително повеќе го прави тензично сообраќајното циркулирање низ градскиот центар. Кога на тоа ќе се додаде долготрајната реконструкција на мостот Гоце Делчев и затворање на уличниот крвоток заради градежни работи, се добиваат нервозни граѓани и сообраќаен хаос. А зошто, кога сето тоа може да се изведе барем пред да почне денот и тоа да се прави многу побрзо. Зарем мора еден мост да се поправа толку долго време?
– Погледнете што е ова?! 13 часот, пекол, а луѓево стојат во место само заради тоа што некому му текна сега да реставрира мостови, и тоа заради топлото време не ни има работници, ама улицата 24/7 стои затворена во едната лента, коментира револтирано жена која чека на автобуската станица пред „Гоце Делчев“, на потегот од Мавровка кон Влада.
Но се чини надлежните останаа глуви на апелите на граѓаните да се работи ноќе и што е уште поважно да се работи побрзо. Но, наместо тоа, за денеска се најавени нови затворања на мостот.
– Поради градежни активности што се одвиваат за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мост Гоце Делчев во двата правци“, ќе се воведе нов привремен сообраќаен режим. Сообраќајот на потегот од Мавровка кон Влада ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од Пошта кон Судска палата ќе се одвива во две сообраќајни ленти. Оваа времена измена ќе важи само на 13.08.2019 година. Од 14.08.2019 година (среда) до 19.08.2019 година (понеделник) под времен сообраќаен режим ќе биде само потегот од Мавровка кон Влада и ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од Пошта кон Судска палата ќе се одвива нормално, објаснуваат од Градот.
Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. А кој да ги слушне апелите на скопјани да се работи побрзо, поефикасно и да се скрати времето на реконструкции?