Кој не им дава мир на македонските херои и нивните споменици?

Секоја држава што држи до себе ги негува спомените и спомениците за своите херои. Како е во Македонија, во Скопје?

Искорнати и украдени бисти, со урнати постаменти, искршени плочки… Тоа е сликата којашто деновиве ја гледаат скопјани на неколку спомен-обележја на хероите од Народноослободителната војна од 1941 – 45 година. За жал, во деновите на викендот осквернавени и вандализирани се три споменика на истакнати македонски борци – антифашисти. 

Во Градскиот парк украдени се бистите на писателите и револуционери Никола Вапцаров и Коле Неделковски, а постаментите на кои стоеја се урнати. Според пријавата која ја добила полицијата, кражбата се случила на прометната патека која води од паркот кон градскиот стадион, во саботата ноќта. Пред кражбата, непознатите вандали ги турнале постаментите на двете спомен-обележја, а потоа се отсечени бронзените бисти. Инаку, спомениците на Вапцаров и Неделковски беа откриени во 2013та година, кога беа поставени бисти на уште четворица македонски поети и револуционери.

Нешто подалеку, во скопската општина Кисела Вода, од дворот на училиштето коешто го носи нејзиното име, откорната е и украдена бистата на големата хероина Невена Георгиева – Дуња. Таа беше поставена пред три години кога училиштето ја одбележуваше 55-тата годишнина од постоењето.

Сквернавањета на спомениците и кражбите на трите бисти, извесно, се случувале во иста вечер. Дали ова било организирано полицијата мора што побрзо да расчисти. Тогаш и ќе се дознаат вистинските мотиви за ваквиот вандализам.

Полицијата е на потег. Мора да се открие кој не им дава мир на македонските херои. 

Инаку, не така одамна имаше сквернавење и на споменикот на Февруарскиот поход во Богомила, од кој се уште непознат сторител пред зборот окупатор ги избришал зборовите „бугарскиот фашистички“…

Тројцата македонски херои чии споменици деновиве се уништени во Скопје се убиени во периодот од 1941 до 1942 година кога Македонија е под окупација на фашистите.

Претходна вестНа мигрантите и шверцерите им се бендиса рутата низ Македонија, но ќе станеме ли и „паркинг место“?
Следна вестKовачки: Од Министерството за одбрана се украдени документи со назнака строго доверливо