Кој вежба агресија врз македонските споменици?

Нема мир за спомениците по Македонија. Скоро секој ден слушаме – читаме за нов оштетет постамент, биста, плоча…

Деновиве се дозна дека е украден штитот од споменикот на македонскиот крал Александар Први Филхелен кој се наоѓа на Мостот на цивилизациите зад ГТЦ во центарот на градот. Пред некој дена беше искорната и украдена бистата на Славко Јаневски во Струга, а имало и обид за кражба на бистите и на Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Тие денови од скопскиот Градски парк беше украдена и бистата на народниот херој Цветан Димов чиј постамент не е далеку од оние на Коле Неделковски и Никола Вапцаров и чии бисти веќе од поодамне ги снемало. Во октомври минатата година ја смена и бистата на хероината Невена Георгиева – Дуња од дворот на основното училиште коешто го носи нејзиниото име во скопска Кисела Вода. Деновиве, пак, се уркадени четири месингани плочи со ликот на Мајка Тереза пред објектот на Националната опера и балет…

Листа на ограбени споменици станува се подолга. Онаа листа на споменици кои што се скандализирани со чкртаници, коишто не се исчистени и кои недостојно се одржуваат, пак, е многу подолга….

Едноставно, како да се наметнува прашањето кој е следниот споменик кој што ќе биде предмет на грабеж, на вандализирање? Но, вистинското прашање е што се случува со спомениците во земјава, на чиј удар се тие? Дали зад ваквото ништење и бришење на спомените за нашите најзначајни историски личности и настани се кријат само голи кражби на бронза која натаму ќе се препродава или нешто друго? Дали се работи за смислено сценарио кое има за цел и да зададе тешки удари врз македонскиот идентитет кој ионака доживува силни негаторски напади од надвор?

Што и да било во заднината таа треба да се открие преку лоцирање на сторителите. Поразително делува фактот што на полицијата не и успева да фати ниту еден од сторителите. Зарем досега не се извлекле поуките од досегашнмите кражби, не се направи ли некаква полициска стратегија како да се обезбедуваат спомениците и да се откриваат сторителите?

Време е да му се застане на крајот на уништувањето на спомениците во Македонија. Ако не се направи тоа ќе останеме без нив. Дали можеби некому тоа му е намерата?

 

Претходна вестМинистерот Алиу за ТикТок: Потребна е регулација на социјалните платформи
Следна вест102 казни за пребрзо возење, 14 возачи зборувале на телефон, 12 биле пијани…