Поезија и борба за слобода на македонскиот народ. Тоа се две големи нешта на коишто македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски целосно им го посветил и го дал својот живот. Роден пред 111 години, на 16-ти декември 1912 година во Војница, велешко, како Никола Крстев Неделков уште во младоста ја запознал сиромаштијата. Притиснат од неа морал да го прекине гимназиското образование и да се пресели во Скопје каде го изучувал бојаџискиот занает. Но, се запишува и во вечерното трговско училиште и почнува да се интересира за македонскиот јазик, да запишува ретки, нему непознати зборови. Во тој период почнува и да покажува и симпатии спрема работниците воопшто, а зел учество и во неколку работнички акции. Поради тоа, се нашол на црниот список на полицијата, бил означен како државен непријател и бил постојано следен од власта. Сето тоа го приморува во 1933 година да замине во Софија, Бугарија каде се вработил како декоратер. Оние кои лично го познавале, Неделковски го опишале како „тивок, молчелив, нежен, со детска насмевка, внатрешно горд, до болка чувствителен, достоинствен и секогаш човечен“…
Набргу, Коле Неделковски започнал да се занимава поинтензивно со поезија, а пресвртот настапил во 1937 година, кога станал член на Македонскиот книжевен кружок, другарувајќи со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци. Постепено почнал да ја објавува својата поезија, печатејќи ја својата прва песна во месечникот „Илустрација Илинден“, а потоа следеше и неговата прва стихозбирка „М’скавици“ во 1939 година. Со таа стихозбирка, тој бил дел од трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски јазик.
Неговата песна„ Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност.
– … Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј — на век да плиска
тешкиот глас на новите химни, пушува тој во оваа песна.
По излегувањето на првата поетска збирка, Неделковски започнал интензивно да ја проучува историјата на Македонија. По цели ноќи го читал Зборникот на Миладиновци и со часови пребарувал во Народната библиотека во Софија материјали за македонскиот фолклор и за преродбата од 19-ти век. Токму тој ја открил заборавената книга на Мисирков, „За македонцките работи“ која ја читал со голема радост. Неделковски бил вклучен во работата на Кружокот, ги проширувал своите хоризонти со следење на литературата и движејќи се во кругот на напредни литературни дејци. Притоа, Неделковски ја подготвил за печат и својата втора збирка поезија. Во меѓувреме, во 1940 година станал член на диверзантска група „Млади антифашистички борци“ и така се определил за конкретни акции против фашизмот.
Во септември 1941 година, дванаесет дена по излегувањето од печат на збирката песни „Пеш по светот“, Неделковски бил откриен од полицијата во Софија како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година, полицијата ја блокирала шесткатната зграда во која живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. А кога веќе немало надеж за спас, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така загинал. Постојат сомнежи во врска со тоа дали можеби Неделковски бил фрлен од полицајците или пак самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдиле само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот.
По Втората светска војна, на местото на настанот била поставена спомен-плоча, на која пишувало дека е македонски поет и револуционер, но која подоцна исчезнала.