Колку ката треба да има палатата за да собере градска администрација која незапирливо расте?

Наместо градење улици, се меркаат канцеларии

Зошто вработуваат нови кога и онака се знае дека администрацијата е преголема? Таа треба да се намалува, а не да расте! До кога во неа ќе се наоѓаат места за партските активисти? Ако вака се продолжи, во градот ќе ни треба објект како што е мегаломанскиот парламент во Букурешт или како зградата на Пентагон, категоричен е скопјанецот Владо Вељаноски.

Што ако има многу администрација во Скопје, кога јас по истите дупки и понатаму кршам возило или со месеци го гледам Вардар како се гуши оти е преполн со ѓубре. Јас плаќам тие аномалии да ги снема, а администарцијата си пие од кафето кое на тендер со тони го набавија за нив – нормално од мои пари, револтиран е Марјан Г.

Колку ката треба да има новата палата за да може да ја прими градската администрација? Не, ова прашање не ни се наметна како резултат на градската одлука да се продаде штотуку изградената шесткатна Градска куќа под Кале. Прашањето е по повод се поголемиот број на нововработени административци. Градската, но и администрацијата на десетте општини заедно со нивните институции и претпријатија постојано се зголемува и лани достигна бројка од 15. 685 вработени лица, дури за 737 повеќе отколку пред две години.

Можеби навистина ќе ги собере само во зградата на ЕСМ, која како што велат опозиционерите, ја меркал градоначалникот Шилегов.

Туку, да ја баталиме зградата, многу поважно е да зборуваме за огромната бројка вработени. Па можат ли скопјани тоа да го издржат? Помислуваат ли во Град Скопје дека претеруваат со вработувања? Одговор засега нема, но еден вид на одговор е и сознанието дека градските власти деновиве се подготвуваат за ново зголемување на бројот на вработени : во градските служби годинава и в година ќе примат 186 нови административци, а 170 вработени во градското ЈСП „Скопје“. Значи, дури 356 нови вработени кои ќе се плаќаат со парите кои скопјани ги издвојуваат за Скопје да стане поубав град.

Со сегашните 615 вработени градски административци и со новопримените 186, градските канцеларии ќе треба да имаат место за 801 чиновник. А трендот на примањето е ист и во десете општини: за само две години има 331 административци и други вработени повеќе. Во општински и други служби на Центар има за 67 повеќе вработени од пред две години – 860 наспрема прекланските 793, во Аеродром за 48 (997 наспрема 949), во Кисела Вода за 41 (817 наспрема 776)… Тоа е период кој, практично, се совпаѓа со постизборниот период во кој новите градски и општински власти примаа нови вработени. А да не заборавиме дека примања на нови административци имаше и за време на претходната власт.

Се дојде до ситуација во која и скопскиот градоначалник Петре Шилегов мораше да признае дека има голем вишок на вработени во сите градски служби. Лани тој рече дека во градот има дури 1.200 административци повеќе отколку што е потребно: во ЈСП имало 700 административци што е повеќе отколку што имаат возачи, во “Градски паркинг“ имало 258 вработени од кои половина се вишок… Но, и по десет месеци ништо не се намали, вишокот на вработени и натаму се плаќа со парите на граѓаните…

-Да кажеш точно каде има превработеност, а потоа цела година ништо да не направиш тоа да се поправи, е крајно несериозно. Дефинитивно Градот не се бори со превработеноста, така само зборува градоначалникот, а од друга страна ја трупа администрацијата со нови партиски кадри, децидна е Јованка Иванова.

Ќе се зголемува ли и понатаму бројот на вработени во градските служби? Еве неколку најави кои се вртат во јавноста: во новото претпријатие Градски енергетски системи се планира вработување на околу 110 лица – машински и електротехничари, електро и машински инженери, економисти и правници… кои ќе примаат плати од парите на граѓаните. Наскоро треба да се комплетира и јавно претпријатие за хуман третман на животните „Лајка“ за кое се уште не се знае колку лица ќе има на свој платен список…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО каде има и табели со бројките на вработени по општините и Град Скопје