Колку ќе го чини Заев договорот со Гаши?

Вицепремиер, двајца министри, директорски и заменички позиции, севкупно 47 јавни функции, како и ревизија на судски пресуди е цената која Заев е спремен да ја плати на Алтернатива само да остане на власт.

Со синоќешната одлука на Алтернатива, на состанокот на Централниот совет, да стане дел од владината коалиција СДСМ-ДУИ, се потврди дека Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, во преговорите со премиерот Зоран Заев, условите што ги побарал – ги добил. Од своја страна понудил поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.

Неофицијално Алтернатива ќе го добие министерското место за здравство, за информатика и министер за дијаспора. Заменици министри од Алтернатива ќе бидат во култура, земјоделство и транспорт, заменик претседател на Собранието, директорско место во МЕПСО, и  десетици места во јавните претпријатија, здравствени установи, надзорни и управни одбори. Со ова,  Алтернатива со само 4 пратеници практично ја „освои” власта без избори, и помогна албанските партии да контролираат речиси 50 отсто од државниот апарат.

Портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани, вчера изјави дека било договорено Владата да бара меѓународна истрага за судските пресуди каде што има сомневања за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво Насеље.

-Причина за влегување на Алтернатива во Владата, е историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евроинтеграција на целиот регион, изјави Муртезани.

Димитар Апасиев од Левица за овој договор напиша: „ЛДП и ДОМ имаа 4 пратеници, а само 1 (небитно) министерство. Алтернатива има 4 пратеници, а ќе има 3 (битни) министерства!? Само јас ли не го разбирам мазохизмот на либералите и зелените?“

Кристијан Мицкоски и Зијадин Села, преминувањето  на Алтернатива на страната на власта го оценија како прекинувње на нивниот заеднички договор за нејзино рушење. Според Алијансата на Албанците на Села, Договорот потпишан за коалиција меѓу нив и Алтернативата, јасно ги дефинирал критериумите и временските рокови на оваа коалиција, поточно, имал критериуми и временски рокови до следните парламентарни избори. Нив, како што велат, партијата на Гаши досега три пати ги прекршила со средбите за влез во Владата.

За ВМРО-ДПМНЕ, Алтернативците со тоа што сакаат да бидат дел од владата на Заев и Ахмети, ги напуштаат принципите на заедничката опозициона коалиција, но и нивните партиски за кои што се бореле и за кои што се формирани, борба против криминалот и корупцијата, и владеењето на правото.

За соработката со досегашниот коалициски партнер Алијанса за Албанците, Миртезани рече дека не е донесена одлука за нејзино прекинување и оти не е исклучена можноста таа да продолжи и во иднина.

За денеска во 13 часот договорена е нова средба меѓу Заев и Гаши на која ќе се потпише програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство, како и да соопштат кои ресори ќе ги преземе Алтернатива.