Колку сме далеку од ЕУ? – според Заев „5, 7, 10 или повеќе години“

Македонија уште од 2005 година е земја-кандидат за членство во ЕУ. Во чекалната во Брисел е цели 16,5 години. Предолго, а тоа се рефлектира и во се помалата поддршка за членството во ЕУ. Од некогашните 80-90 проценти поддршка, во моментов таа е околу 53 проценти, иако одредени стручњаци велат и далеку помалку од тие 53. Во ЕУ владее замор од проширување. Тоа е јасно. Но, дали Македонија се умори за овие 16 години борејќи се двојните стандарди на ЕУ, ветата од Грција и од Бугарија и што може да очекува понатаму? Дали можеби балканскиот „мини шенген“ ќе биде замената за ЕУ? Таа иницијатива и денес била тема на зум конференцијата меѓу Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ.

– Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел е европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште 5, 7 или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор, истакнал премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик, соопшти Владата.

Премиерот навел дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Македонија и сега разочарувањето е навистина големо.
– Претседателот на Владата Заев посочи дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред сè поради вредностите на Унијата кои значат подобра и просперитетна иднина, но додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија. Во однос на нашиот европски пат со Албанија, премиерот Заев истакна дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран, стои во соопштението.