Комеморација за депортираните Евреи од Штип: Злосторството кое не смее да се заборави

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Евреите и марш на граѓаните во Штип се одржа комеморација во чест на 80 годишнината од холокаустот кога штипските Евреи биле однесени прво до скопскиот Монопол, а потоа и до логорот на смртта Треблинка. Граѓанската поворка го изоде патот што пред 80 години го изодеа штипските Евреи, кои никогаш не се вратија.

На комеморацијата за злосторството кое никогаш не смее да се заборави, говореа, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Меѓу присутните беше и Шела Сион-Алтреаз која со нејзината сестра се единствените Евреи од Штип, кои успеале да ја преживеат депортацијата во ноќта помеѓу 10 и 11- ти март 1943година и да се спасат од ужасите во Треблинка. Таа допатува од Израел за повторно да ја види куќата во која е родена.

-Беше во зори. Дојде мајка ми да ме разбуди, јас не сакав да станам, ми се спиеше, имав само 8години. Но ми рече дека мора брзо да станам и да се облечам. Се симнав. Иако бев мала, разбрав што се случува, се сеќаваше денеска Шела Сион Алтреаз.

Преседателот на македонската Еврејска заедница Пепо Леви рече дека историјата ниту може да се промени, ниту да се избрише откако беше запрашан како го коментира фактот што бугарската држава не презема одговорност во депортацијата на Евреите во Втората светска војна.

-Дали некој се чувствува виновен или не тоа е во неговиот генетски код, но историјата е таква каква што е, никој не може да ја промени, ниту да ја избрише. Денеска сите народии на Балканот треба да живеат во мир и слога и мислам дека е голема грешка неовозможување, ставање вета и слични работи за влез на Македонија во Европската Унија, потенцира Пепо Леви.

Претходна вестСтрумичанец преку лажен Фејсбук профил објавувал експлицитни фотографии од поранешната девојка
Следна вестДиви копачи вршеле нелегален ископ на земјиште со украден багер