Компјутерот од баба ми помогна да стасам до бронза на светската Олимпијада по информатика

Андреј Шеќеров

На светската мапа по информатика, Македонија како држава, сигурно дека е далеку од водечките земји. За среќа, таква не е состојбата и кога се во прашање младите таленти кои постигнуваат се поголеми успеси на светски натпревари. А таков еден успех се постигна и неодамна кога двајца наши средношколци – Андреј Шеќеров од скопската гимназија „Р.Ј. Корчагин“ и Андреј Величковски од кумановската „Гоце Делчев“ – освоија бронзени медали на Интернационална олимпијада по информатика што се одржа во Азербејџан. Со тоа нашата земја може да се пофали дека освоила завиден број медали на досегашните олимпијади, вкупно 20: две сребрени и 18 бронзени. Сето тоа во голема конкуренција – само на натпреварот во Баку имаше 327 најдобри информатичари кои претставуваа 88 земји од светот.

Седумнаесетгодишниот Андреј Шеќеров, кој во септември ќе ја почне третата година во познатата скопска гимназија, ни вели дека тоа му било искуство кое нема да го заборави.

-Натпреварот траеше два дена, а дневно добивме по три задачи кои требаше да ги решиме во рок од пет часа. Секоја задача имаше повеќе под-задачи кои носеа делумен број на поени. За секоја од нив се потребни еден или повеќе алгоритми за да се решат. Се бараше да искомбинираме повеќе методи за решавање за да стигнеме до правилниот резултат. Конкуренцијата навистина беше силна и заради тоа посебно се радувам на бронзениот медал, ни објаснува Андреј.

Тој вели дека добрата страна е што, освен подготовките со менторите, интернетот и компјутерот се единствените работи потребни за вежбање. Сите неопходни информации се достапни на интернет, а таму има и огромен број на сајтови со задачи за решавање. Значи, подготвеноста зависи воглавно од самиот натпреварувач и трудот што го има вложено.

За да се пласира на овој светски натпревар претходно успеал да освои второ место на државен натпревар по информатика, а потоа и на македонската олимпијада по информатика.

-Уште како мал се интересирав за компјутери, а тогаш тоа беа игрите. Подоцна, ми се јави и интересот за програмирање, а клучно беше тоа што тогаш како подарок од баба ми добив прв лаптоп. Голем поттик ми дадоа и курсевите каде се запознав со програмскиот јазик Ц++. Оттогаш, желбата за програмирање ми се зголемува. Навистина, требаше време да навлезам во јазикот, но сето тоа се исплатеше, ни потенцира овој талент по информатика.

На своите врсници Андреј им порачува што повеќе да се обидуваат да навлезат во тајните во информатиката бидејќи компјутерите не треба да се користат само за игри и друг вид разонода.

-Информатиката е корисна и моќна алатка. Таа ни овозможува да се поврзуваме и комуницираме со други луѓе, секојдневно ни помага во нашите животи, а понатаму и во професијата. Со информатиката имаме можност да помогнеме на голем број луѓе, благодарение на нејзината ефикасност и распространетост, потенцира тој.

Иднината врзана за програмирањето
Андреј ни објасни дека во иднина би сакал да работи нешто што е врзано за програмирање.

– Тоа ме интересира и затоа би сакал да ми биде моја идна професија. Така истовремено би го работел токму она што го сакам, потенцира овој талент.