Кому треба да му светне за да се наштелува уличното осветлување?

Фотосот со запалените светилки од уличното осветлување во Старата чаршија среде бел ден кој неодамна го направи нашиот читател Кирил, за жал, е само најнова потврда дека и годинава ќе имаме расфрлање со електрична енергија и парите на граѓаните. Наближувањето на пролетта, зголемувањето на дневната светлина, очигледно, не влијае на „биоритмот“ на нашите надлежни служби да го намалат овој непотребен трошок. Тие како да се уште во зимскиот сон кој бара светилките да се вклучуваат во 15.30 часот иако е јасно дека такво правило е спротивно на законот на природата. А тоа значи залудно трошење на електричната енаргија за која се користат ограничените ресурси што ги имаме и заради што, кога потекнува од термоцентралите, се и загадува природната средина. И најважното, сето тоа на крајот го плаќаат граѓаните преку таксата од 139 денари која редовно им се фактурира во сметките за електричната енергија.
Се би било многу подобро и порационално кога некој во надлежните служби би сфатил и направил начин вклучувањето на склопките за уличното осветлување да ја следи дневната светлина. Тоа не е тешко и би требало да се прави само неколку пати годишно.
До кога ќе ја чекаме таа реакција?