Конески велеше дека е единствената наша комплетна татковина, се слави Денот на македонскиот јазик

Министерството ви испраќа Решение на Народна влада на Федеративна Македонија за македонската азбука… Македонската азбука има 31 буква. Ракописни букви се: А, Б, В, Г… Вакви документи, почнувакќи од 5 мај 1945 година биле испраќани ширум Македонија за да насекаде стане познато дека и официјално е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо во новата македонска држава. Претходно, азбуката била усвоена на седницата на Владата на 3 мај, но е официјализирана со објавувањето во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Со ова и практично завршило стандарзирањето на македонскиот јазик кој на заседанието на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава. По ова, тој се вклучи во светското семејство на признаени јазици. Тоа, истовремено, значеше и крај на долгиот пат низ историјата по кој македонскиот народ чекореше, како кон сопствениот јазик, така и кон сопствената национална слобода, држава, идентитет, култура, развој…

Развојот на денешната македонска азбука датира уште од деветтиот век кога браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун, во науката познат како старословенски и старомакедонски. Дотогаш, македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Со благослов на папата, овој старословенски или старомакедонски јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. А подоцна следат и црковно-македонско писмо, илинденска азбука…

Првата стандардизација, пак, е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на  државата, со АСНОМ во 1944 година при што во тој процес е исклучително е важен придонесот на Блаже Конески. Тој исамиот во своите спомени често наведувал како процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен, дека имало повеќе комисии за составување на азбуката и дека не се согласиле сите одеднаш. Но, на 5 мај тој историски процес завршил.

-,,Јазикот е единствената наша најкомплетна татковина, кажа во подоцнежните години Блаже Конески.

Со тоа на најдобар начин го изрази значењето коешто македонскиот јазик го има за македонскиот народ и за неговата држава соочени со бројни соседски негирања на постоењето. Оттогаш до сега, со македонската азбука, на македонски јазик се напишани многубројни книжевни, научни, публицистички дела кои сведочат за развојот на македонскиот идентитет. Со цел македонскиот јазик и натаму да се чува и унапредува во 2019 година беше донесена и одлука со која денешниот ден се прославува како Ден на македонскиот јазик.

Претходна вестНов ужас во Србија: Најмалку осум убиени, повеќе од десетина ранети во пукањето кај Младеновац
Следна вестУапсен убиецот од Младеновац кој со калашников уби 8, а рани 13 лица, имал и соучесник