Костовски и Арсовска во нов клинч околу новата улица и маркички за згради во Бутел

Во нов конфликт влегоа скопската градоначалничка Данела Арсовска и општинскиот градоначалник на Бутел Дарко Костовски околу изградбата на новата улица и градежни маркички за повеќе згради на подрачјето на оваа скопска општина. Повеќе жители на улицата „Хо Ши Мин“ денеска протестираа против намерата на градоначалничката Арсовска да изгради улица кој поминува веднаш до нивните домови. Жителите од 16 куќи лоцирани на оваа улица, од број 425 до 439 во населбата Бутел 1, во рок од три дена треба да се откажат од дел од своите дворови кои се државна сопственост затоа што Градот планира да ја пробива улицата „Боца Иванова“, која треба да минува точно пред нивните куќи. Целта е улицата од кружниот тек во Бутел да се протега до булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“, како што е зацртано во Генералниот урбанистички план 2012-2022 година. Граѓаните сметаат дека со тоа што се грижиле и го уредиле за ова земјиште веќе цели 60 години имаат право да бараат да се смени трасата на улицата и да не се загрозуваат нивните дворови Но, на просторот на којшто би можела да се премести трасата, според општинскиот ДУП, се градежни маркички за повеќе станбени згради. Жителите побраа од градоначалникот Костовски да го исполни своето ветување и на првата наредна седница да поднесе иницијатива за промена на актуелниот ДУП за овој дел, со која би се избришале маркичките за седумте згради. Покрај тоа, жителите бараат од Костовски да инсистира градските власти да ја сменат трасата и да ја поместат улицата за да не се загрозат нивните дворови. Од друга страна, според нив, градоначалничката Арсовска не сакала да се сретне со овие граѓани.

Градоначалникот Костовски денеска беше на протестот по што ја повика Арсовска да ја смени тарасата.

-Во Бутел нема простор за урбаната мафија. Нема да дозволам во Општина Бутел повторно да дивее урбаната мафија, исто така, нема да дозволам мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци. Баба Невена, чичко Мустафа и чичко Кирил не се криминалци, тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот. Градоначалничката Данела Арсовска за жал не е достапна за овие загрижени граѓани, повеќе од еден месец не успеваат да направат средба со неа. Во оваа прилика сакам да ја потсетам градоначалничката дека од овие граѓани за време на кампањата јас лично сум побарал глас повеќе за неа, со цел да не дојде до ваква или слична ситуација, рече Костовски.

Тој рече дека Општина Бутел денес испратила допис до Град Скопје со кој ја поддржа граѓанската иницијатива со која од градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.

-На првата седница на советтот на Општина Бутел јас лично ќе потегнам прашање за поништување на маркиците за згради во овој дел на општината, најави градоначалникот на Бутел.

На ова дојде одговор од Градот Скопје во кој се наведува дека трасата на улицата „Боца Иванова“ е предвидена со Генералниот Урбанистички план, и во целата своја должина се простира на земјиште кое е во државна сопственост. Во овој дел законот е јасен и дециден, и нема простор за политички манипулации со истиот.

– Неправото, не може да произведе право, па оттаму, граѓаните на градот Скопје не може да бидат спречени во своите права за своите даноци да не добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина, не може да го дерогира правото на сите. Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, апелираме до градоначалникот на општина Бутел конечно да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не градот Скопје. Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на ул.„Боца Иванова“ ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, кои сега поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје, одговорија од Градот Скопје.

 

Претходна вестБектеши: Од утре поевтинуваат тестенините и млечните производи
Следна вестЈакимовски со својот тим Вашингтон Стејт доби победа но загуби заб