Ковачевски: Барањето за референдум е нерелевантно

Референдум за евроинтеграциите и билатералните прашања со Бугарија е неприфатлив за власта, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. По повикот на опозицискиот лидер Мицкоски да седнат на иста маса и да го договорат референдумското прашање, Ковачевски вели дека собраниското мнозинство веќе се изјаснило околу преговарачката рамка и тоа е јасна порака за продолжување на процесот. ВМРО-ДПМНЕ, според премиерот, треба прво идеолошки да расчисти кај себе дали сакаат да ја видат Република Северна Македонија членка на ЕУ или не

– ВМРО-ДПМНЕ е партија која беше против членството во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалициски партнер Левица се единствени што се против ЕУ. Тоа јасно го покажаа при гласањето на предлогот од ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа, доминантниот број на пратеници – 68 кои ги претставуваат граѓаните, донесоа одлука РСМ да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба, бидејќи нема политичка партија освен нивниот партнер Левица која е против ЕУ и НАТО и за некаков си централноазиски сојуз со Русија, рече Ковачевски денеска во Тетово.

Тој потенцира дека РСМ ги почна преговорите со чист македонски јазик, со заштитен идентитет.

Во врска со уставните измени тој порача дека пратениците треба да бидат на ниво на европската задача и сите одлуки кои ги носат во интерес на граѓаните треба да бидат во однос на зачленувањето на ЕУ вклучително и носењето закони и уставни измени.

-Прво уставните измени се носат во Собранието. При зачленувањето во ЕУ кој е пат што треба да се изоди особено во областите на владеење на правото, на демократијата, на управувањето со институциите, со јавната администрација, РСМ ќе треба да направи голем број на законски измени и исто така и уставни измени. Дури и при влегувањето во ЕУ се прават повторно уставни измени со цел дел од надлежностите кои се во надлежност кои се исклучиво на РСМ да се предадат на ЕУ бидејќи влегуваме во сојуз со 27 држави, колку што се во моментов, рече Ковачевски.

Претходна вестДраматично предупредување на српскиот претседател Вучиќ: Ги молам и барам од Албанците да го чуваат мирот, ако се осмелат Србија ќе победи
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски бега од соочување со народот