Евреите од Македонија биле транспортирани и убиени во Треблинка од страна на фашистите и тоа се историски факти и не може да има дискусија на таа тема, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. На денешната прес-конференција во Владата тој најави дека и еврејската заедница ќе биде една од заедниците кои што треба да бидат дел од нашиот Устав при уставните измени кои што треба да бидат усвоени од Собранието.
Покрај Бугарите и Евреите, се планира во преамбулата на Уставот да влезат и Хрватите и Црногорците.
-Имав средба со претставници на Кнесетот, на израелското собрание. Тие се тука по повод одбележувањето на 80-годишнината од депортирањето на 7.144 евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка. Тие биле транспортирани и убиени во Треблинка од страна на фашистите и тоа се историски факти и не може да има дискусија на таа тема. Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница и сум кажал јас, како и коалициските партнери, дека при уставните измени и евреите ќе бидат една од заедниците кои што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав, рече Ковачевски.