Овој ден за Македонија можеше да биде победнички ден во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес, изјави премиерот Димитар Ковачевски на маргините од Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува во Брисел.
Тој додаде дека нашата земја нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ агенда. Премиерот изјави дека Самитот бил одлична можност на највисоко ниво да се зборува за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски ги информирал колегите од земјите-членки на ЕУ за успешно завршениот процес на скрининг. Исто така, вели Ковачевски, од страна на ЕУ, на претставниците на Европската комисија, на претседателката било искажано задоволство од високото ниво на професионализам и подготвеност на сите наши членови на делегациите кои што учествуваа со своите 850 презентации на над 100 состаноци на скрининг процесот во текот на изминатата година и половина, во Брисел.
Сепак, вели Ковачевски, дека работната на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку.
-Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и Левица. Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство и можеа уште еднаш нашите граѓани да се уверат како изгледаше 2008 година. Тогаш беше во Букурешт, вчера и денес беше во Брисел. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам, квазинационализам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии и политичари, а на граѓаните да им служи на ум и сами да проценат кој за каква иднина за граѓаните и државата се бори, рече Ковачевски.
Тој додаде дека за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат кон Унијата. Тоа е многу јасно наведено и во заклучоците на ЕУ каде многу јасно е наведено дека Македонија штом го исполни својот услов за спроведување на амандманите во уставот, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција.