Ковачевски повика фирмите што ги нуди Мицкоски да ги достават понудите, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека директорот на ЕСМ е „ризичен“

Фирмите што ги нуди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги достават понудите до среда, порача на денешната прес-конференција генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Мицкоски претходно вчера изјави дека тој и неговата партија имаат контакти и индикативни понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со коишто државата ќе заштеди 300 милиони евра.

Ковачевски вели дека секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена.

-Ја користам оваа можност јавно да го повикам Мицкоски да ги информира сите тие компании од кои има индикативни понуди, а кои биле со важност од една недела, во текот на следните неколку денови, но не подоцна од среда, да ги комплетираат понудите и да ги достават до АД ЕСМ. Понудите од компаниите треба да имаат: технички карактеристики на енергенсот (мазутот или природниот гас); да ги имаат сите сертификати;  да ги имаат сите потребни лиценци; да имаат обезбедени количини (250.000 тони мазут и 250.000.000 нормални метри кубни природен гас); да имаат договори со испорачатели; да имаат обезбедено транспорт до производните капацитети (мазутот до ТЕЦ Неготино, РЕК Осломеј и РЕК Битола, а природниот гас до ТЕ-ТО и топланите во Скопје); да имаат динамика на испорака согласно производниот план; да имаат обезбедено банкарска гаранција, изјави директорот на ЕСМ.

Тој додаде дека сите понуди од овие компании кои по препорака на Мицкоски ќе стигнат до ЕСМ во официјална форма, согласно Законот за јавни набавки на енергенси, веднаш ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за јавни набавки на АД ЕСМ.

-Доколку евентуално пристигнат тие понуди и ги исполнуваат сите споменати критериуми и имаат најниска понудена цена, со тие компании ќе бидат склучени договори. Очекуваме, според вчера кажаното, евентуалните понуди да бидат со ниски цени, а со тоа ЕСМ и државата да заштедат 300 милиони евра. Доколку, пак, не пристигнат понуди по препорака на Мицкоски, ќе ја известиме јавноста за исходот на постапката, рече Ковачевски.

На ова од ВМРО-ДПМНЕ денеска одговорија дека директорот на ЕСМ е ризичен за да му ги достават понудите.

-Васко тендер Ковачевски е ризичен за да му бидат доставени какви било понуди, загрижени сме дека со ангажманот на Васко тендер Ковачевски може да стане збор само за провизии на штета на граѓаните, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија додаваат дека очекуваат да се прифати поканата за дуел меѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски.

-Понудата за дуел е јавна, а барањето за средба е исто така јавно! Ова не е пазар, туку сериозна работа. Ако снабдувањето на енергенси на државата во криза се смета за обичен пазар, тогаш имаме сериозен проблем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ денеска го повикаа Христијан Мицкоски најавената конструктивност да ја покаже во Собранието.

-Потребна е работа, а за дебатирања има време. Граѓаните очекуваат работа и резултати. Наместо празни зборови, Христијан Мицкоски најавената конструктивност треба да ја покаже внатре во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од блокадите и деструкциите, да бидат усвоени Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени деривати и уште над 50 други законски решенија, соопшти владеачката партија.