Ковачевски: Владината коалиција е стабилна, ќе разговараме за барањата на Достоинство

Владината коалиција е стабилна и има 65 пратеници, нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии, оцени денеска лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред почетокот на првата од серијалот тематски трибини на СДСМ „Разултати што прават разлика“ на тема „Енергетска безбедност и зелена транзиција“.

-Но, на главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел, рече тој.

Ковачевски потсети дека партијата ДОМ имаше изјава во однос  на изборниот модел, односно една изборна единица и дека СДСМ практично е првата партија која тој  модел го стави во својата програма и која кажа дека се застапува за него.

-Од тоа не сме отстапиле и затоа е формирана комисија за ревидирање на изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за едена изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на  застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на трибината што се одржува во скопското кино „Милениум“.

Премиерот додаде дека ВМРО НП уште од почетокот имаше прилично конзистентен став во однос на одредени  други закони, но тоа никако не влијаело на генералните правци на Владата.

Во однос на Достоинство рече дека има исклучителна почит за нивниот претседател и за членовите на партијата.

-Ќе разговараме и во однос на законските решенија што ги предлагаат и нивната усогласеност со другите. Секогаш може да се изнајде заедничко решение, потенцира Ковачевски.

Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов вчера рече дека ќе го разгледат нивното натамошно учество во Владата ако не им се прифатат барањата во однос на правата на бранителите.

Претходна вестТројца тешко повредени во сообраќајка на паркингот на скопскиот аеродром
Следна вест​Во Кисела Вода поставен споменик на загинатиот бранител во Диво насеље Љубиша Аранѓеловиќ