Ковачевски за споредбата меѓу Русија и Бугарија: Што имав да кажам тоа го кажав пред 46 членки на Советот на Европа

Јас што имав да кажам на самитот на Советот на Европа на Исланд и тоа го кажав пред 46 делегации на држави-членки на Советот на Европа на средбата во Исланд, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој одговари на новинарско прашање поврзано со последниот разговор меѓу шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи и неговиот бугарски колега, Иван Кондов.

Ковачевски денеска рече дека тоа што имал да го каже го кажал пред сите.

-Од тоа има видео запис и имаше директен пренос, така што немам што да појаснувам во однос на таа изјава. Нормално дека министерот за надворешни работи си има состаноци со свои колеги и тие разговараат за дневните работи. Мојата изјава ја има интегрално и можете да ја погледнете, рече кратко Ковачевски како одговор на новинарско прашање.

Како што изјави пред два дена Кондов, а пренесува Бугарското национално радио (БНР), Ковачевски кога го споредил односот на Бугарија кон Македонија со оној на Русија кон Украина, всушност тој мислел на некои политичари во Бугарија. Ова му било кажано од страна на Османи.

Претседателот на Владата ја коментираше и денешната изјава на бугарскиот спикер Росен Желјазков кој кажа дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за влез во ЕУ, а не билатерално прашање.

-Не сум ја прочитал изјавата на претседателот на Собранието на Бугарија, но промената на преамбулата и внесувањето на 3500 сограѓани кои се определуваат како Бугари е дел од преговарачката рамка, со која што обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која што ги започнавме преговорите со ЕУ. Ова е една од обврските што нашето Собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со поглавјата и кластерите и до 2030 година, Македонија ќе стане членка на ЕУ, кажа Ковачевски после пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово – Страцин.

Претходна вестОхрабрувачко: Мозочни импланти му помогнаа на парализиран човек повторно да оди
Следна вестВо Европа на секои две минути исчезнува по едно дете, 250.000 деца годишно