Ковачки го обвини премиерот дека се криел во 2001 година, Ковачевски откри дека имал абдоменален проблем

Жестока вербална пресметка се случи денеска меѓи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница посветена на пратенички прашања. Ковачки рече дека веќе единаесет дена го прашуваат премиерот во врска со една објава на социјалните мрежи, а која се однесува на неговата од лекари потврдена трајна неспособност да и служи на државата.

– Еве го моето прашање до Димитар Ковачевски – дезертер од 2001 на кого на тацна му ја оставија државата за да тој денеска си игра премиер: Дали приложивте документ пред надлежните органи со кој потврдувате дека сте трајно неспособен затоа што СТЕ трајно неспособен, или лажиравте и со сила се правевте трајно неспособен за да избегнете служење воен рок односно да ја браните државата, запраша Ковачки.

Тој претходно го запраша Ковачевски зошто се криел во 2001 година.

-Што ако сите во 2001 година го следеа вашиот пример и се криеја под јорган? Кога најголем дел од граѓаните застанаа во одбрана на државата, кога сите кумановци облекоа униформа, Ковачевски бил подготвен да трпи за леб и за вода, ама само да не учествува во војната. Додека патриотите гинеа и ги полнеа гробовите, Ковачевски се криел под јорган. Премиере Димитар Ковачевски, дали ќе ја имавме државава ако во Втората светска војна нашите се криеле од фашистите? Вие сте човек кој сте побегнале од должноста. Илинденците и Партизаните можеле да се борат со оружје в рака, а вие во 2001 година одбивте да се борите, нагласи Ковачки.

Тој додаде дека не познава цивилизирана држава во која лице кое одбило да ја брани станало премиер.

-Тоа лице не смее да води ниту една институција и не смее да има пристап до највисоките државни тајни. Таквото лице седи на маса со НАТО членки. Ако Ковачевски еднаш лажирал документ, тогаш ќе лажира и по вторпат. Тој е опасност за НАТО. Тоа лице кое одбило да ја брани својата држава со тоа што лажирало документ за трајна неспособност не смее да раководи со војска. Македонија ја води во бездна човек кој ќе направи сѐ за да го прикрие тоа што денеска се срами – рече Ковачки.

На ова премиерот Ковачевски одговори дека уште во 2000-та година му било констатирано дека е трајно неспособен да служи војска.

-Во 2000 година, согласно сите законски процедури и во рамки во јавна процедура врз основа на мислења на стручни лица од медицината поради абдоменален проблем со кој сѐ уште се соочувам, се регистрираше неможност за служење воен рок. Тоа се случи во 2000 година, пред да се случи воениот конфликт во 2001 година. Ниту сум бил првиот, ниту последен таков случај. Јасно, гласно и целосно ја соопштувам вистината, откри премиерот.

-Во 2001 година јас бев во Скопје и во Куманово и му помагав на мојот татко во тоа време градоначалник на Куманов како да се смираат тензиите како кумановчани да добијат вода. Јас не избегав од држвата напротив останав тука, а екипата на ВМРО-ДПМНЕ фаќаше кривини по грчките плажи и профитираше правејќи воени профити и денес јас по 20 години во првите редови се борам за држвата и граѓаните од сабајле до вечер за повисоки плати, за повисоки пензии, најниска здравје…. затоа им сметам на оваа криминална структура на овој дезертер, кодош и срам на АРМ, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека „оваа група овде, од опозицијата, се лопови, криминалци, насилници, неработници и кодоши“.

-Се растураат внатре помеѓу себе заради делење пари и тендери како овој последниот од 136 милиони евра. Цело раководство им е осудено на десетици години затвор поради криминал. Освен криминал и фотелји, за граѓаните воопшто не се заинтересирани. И видете кој човек говори за војска – Ковачки. Тоа е човек кој додека бил во АРМ издавал информации, тргувал со нив, навредувал колеги и колешки. Мизерија од човек. На следните избори и Собранието ќе се исчисти од такви како него, одговори Ковачевски.