Ковачки ја повика Петровска да си ја каже адресата, таа му најави тужба за навреда и клевета

Нови обвинувања и најави за тужба за навреда и клевета се слушнаа денеска помеѓу Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и министерката за одбрана Славјанка Петровска. На собраниската седница посветена на пратеничките прашања Ковачки ја прозва Петровска да каже дали адресата на живеење е иста со адресата на хациендата со базен во населба Радишани.

-Во 2007 година парцелата која што неспорно била во сопственост на министерката Петровска гледате дека нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела веќе гледате дека има куќа, куќа бесправно изградена без потребната градежно техничка документација. Веднаш после тоа на лице место излегуваат лица од катастарот, прават увид и ги запишуваат согласно тие системски проверки, го запишуваат имотот на име на министерката Славјанка Петровска. Во 2012 продолжува со дивоградба на објектот и гледаме дека тука веќе е изграден базен. Во 2016 тоа е последната година кога е градена дивоградбата гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото во сопственост на почитуваната министерка. Министерката имаше и прес каде што кажа дека продала некое земјиште но со цел да ја покријат нејзината лага веднаш на помош го побараа и директорот на Катастар кој што кажа дека земјиштето неспорно до 2020 е во сопственост на министерката. Значи, Петровска вели пред едно десеттина години го продала, директорот вика до 2020 година е во нејзина сопственост а податоците од Катастарот вели дека се уште е во владение на Петровска. Пред мене имам сметка за вода која што гласи на името на таткото на министерката со адреса на луксузната хациенда, дали според податоците во вашата лична карта адресата на живеење ви е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани, праша Ковачки.

На ова Петровска најави тужба против Ковачки за навреда и клевет.

– За разлика од пратеникот, јас ги имам сите документи и договори последователни од првиот ден до денес кои се водат на име на тој имот. Кога ова ќе го видите, а ова ќе дојде до вас бидејќи ќе биде дел од тужбата што веќе ја спремив, а ќе ви биде поднесена за навреда и клевета. Има рок од три месеци, не брзајте, и ќе ви требаат уште три месеци да ги изанализирате овие официјални документи, вклучително и мапата и имотниот лист кој за разлика од лажниот документ кој вие го поднесовте, а е евиденционен лист и тоа сите го знаат дека не е јавна исправа, туку имотниот лист е јавна исправа ќе ви каже адвокатот кој ќе си го ангажирате за оваа тужба и ќе видите дали ја зборувам вистината или не, рече Петровска, додавајќи дека тој имот на кој се води адресата која Ковачки ја цитира не соодветствува со адресата на хациендата.

Му порача и дека ќе треба да се извини и на семејството кое, како што посочи, „е совесен и чесен сопственик на тој имот и си ја има изградено, за сите тие невистини дека станува збор за дивоградба”.

Претходна вестПочна реконструкција на дел од улицата „Даме Груев“, утре се асфалтира „Тодор Александров“
Следна вестРоднините на настраданите кај Ласкарци: Се сомневаме дека нарачаното супервештачење е за да се заштитат виновниците