Ковид статистика: 217.025 разболени, 203.325 оздравени, 7.631 починати, 6.069 активни

Изминтиве 24 часа беа регистрирани нови 355 случаи на коронавирусот од направени 3.042 тестирања или 11,6 отсто, што е во рамките на просекот за време на викенд-деновите. Беа пријавени вкупно 15 починати лица, девет во претходните 24 часа и шест преку системот „Мој Термин”, информирраа од Министерството за здравство. Според нивните податоци, евидентирани се 2.308 оздравени пациенти, од кои 329 во претходното деноноќие, додека останатите 1.980 оздравени се административно затворени случаи од периодот 16.09-31.10.2021. Со тоа, бројот на активни случаи од околу 8.000 падна на 6.000.

Досега во земјата се направени вкупно 1.481.925 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 217.025, бројот на оздравени пациенти е 203.325, на починати е 7.631, а бројот на активни случаи е 6.069.

Најмногу активни има во Скопје и тоа 2821, следи Битола со 553, Прилеп – 336, Кавадарци – 247, Охрид – 222, Куманово – 210. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на ковид-19.

Според статистиката за период од 6 август до 2 декември, од 60 772 заразени граѓани, 69 отсто од не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Дури 79 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, како што предложи Комисијата за заразни болести. Стимулацијата за вакцинација ќе се врши преку матичните лекари, кои ќе добијат финансиски бонус ако постигнат 70 отсто од вакцинацијата на своите прикрепени пациенти.

Според светската статистика, досега се заразиле над 265 милиони луѓе, починале повеќе од 5,2 милиони жители и оздравеле околу 240 милиони лица.