Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска изнесе сериозни обвинувања во врска со, како што го нарече, „скандалот со семејната фирма“ поврзана со Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата. Според СДСМ, фирма во која учествуваат блиски роднини на Томовски добила вкупно 161 тендер во вредност од околу 5,3 милиони евра.
Кузеска тврди дека Томовски се обидува да се дистанцира од компанијата, иако, како што посочи, во неа се вклучени неговиот татко Витомир, роднината Кутановски, зетот и внукот. Таа додаде дека како контакт телефон на фирмата е наведен број кој, според СДСМ, му припаѓа токму на Томовски.
„Затоа ли е нервозата, затоа што се фатени живи“, изјави Кузеска, истакнувајќи дека, според нив, моделот на поврзаност е јасен и поткрепен со документација.
Од СДСМ тврдат дека преку анализа на финансиските текови утврдиле дека Томовски е редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, во 2021 година тој донирал 8.000 евра, а во повеќе наврати уплатувал суми од 499.700 денари, 100.000 денари и 70.000 денари. Како донатор, според нив, се појавува и неговиот зет, Кутановски.
„Семејна фирма, семејни донации – сè е јасно. Вака парите завршуваат во Белата палата“, рече Кузеска.
СДСМ побара од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Јавното обвинителство да отворат истрага за можен конфликт на интереси и корупција во врвот на владата предводена од Христијан Мицкоски.
„Крадењето на народот мора да запре, а одговорност мора да има. Ова прашање нема да биде затворено“, порачаа од СДСМ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



