Крик за „Треска“

Колумна на Јана Белчева:

Треска е дел од планот за Буњаковец, кој беше ставен под т.н. мораториум уште во  декември 2017 , а за кој план се докажаа незаконитости и неусогласености со планот од повисок ранг, ГУП на град Скопје. Она што е интересно за ДУП Буњаковец, но е пракса во планирањето последнава деценија, е зголемувањето на површините за домување, зголемување на бројот на жители, а намалување на површините под зеленило, јавни површини или објекти за социјална или образовна намена. Жално е кога светот се повеќе се врти кон одржливо искористување на просторот, планирање на градови за луѓе, ние да правиме планови во кои се важни интересите само на малкумина.

Да направиме споредби од планот во 2012, предлогот од 2016 и сегашните нацрти и предлози кои ги стопиравме. Она што иницијално беше предложено за Буњаковец во 2019 е зголемување на бруто површината за градба за дури 17 отсто. За разлика од тоа, зеленилото е намалено за 33 проценти, па дури и улиците се намалени за 22 отсто, односно стануваат делови од парцели за градба. Висината на објектите исто така расте.

Распишаниот конкурс за Треска беше предлог кој требаше да се сфати како крик на дел од стручната јавност, невладини организации и бројни граѓани кои побараа урбанистичко планирање со покреативни решенија и размислувања. За жал, се бараа бирократски пречки и административни бариери за да вистинскиот партиципативен процес побаран со конкурсот не се воспостави како правило за планирањетоПремногу дискреционо право се даде на градоначалникот, а усвоениот заклучок на Советот е со повикување на одредби од ГУП-от кој се тотално неповрзани со темата. Седницата тогаш ја напуштив заради несогласувањата и калкулантство кое го препознав, но и јавно изнесените ставови на Советниците кои наместо да бранат интереси на граѓаните станаа „адвокати„ на сопствениците и градежниците.

Денес за Треска ќе се одлучува според планска програма која не е објавена, односно нема јасно дефинирани цели што се сака да се постигне на таа локација и кои се ограничувачките параметри. Податоците за парцелата на Треска во однос на сопственоста постојат, но постоечкото зеленило кое е доволно старо за да се прогласи за парк и да се заштити никогаш не е евидентирано, па лесно може да го снема. Вкупните податоци за бројот на предвидени жители во Буњаковец и нивните потреби за градинка, училиште, зелен простор, паркинг и други сервиси не се евидентирани. Планот се работи по стари податоци откако е започнат, а без ажурирање и обновување. Истите планери кои претходно правеле лоши планови повторно се прв избор за планер. Што навистина може да се случи со Треска е засега непознато, но е полно со дилеми, сомнежи и без комуникација со жителите. Законите предвидуваат можност за експропријација на земјиштето ако постои јавен интерес, како на пример за озеленување и за потреби кои се поголеми од интересите за брзи профити на поединци. Да бидеме будни и да не дозволиме да живееме во хаос.

Претходна вестТешко повредено петгодишно девојче од ударот со мотор
Следна вестАптекарката викала и побегнала, побегнал и разбојникот кој сакал да ја ограби