Криминалните жанрови со многу убиства и крв ги преплавуваат ТВ екраните

Пензионираниот новинар на Македонското радио – Радио Скопје Иван Мокров посакува скопјани на малите екрани што повеќе да гледаат документарни емисии…

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

-Според мене, документарните емисии и тоа оние посветени на опстанокот на планетата земја заземаат значајно место во програмата. Сведоци сме на деградирање на животната средина и покрај сите заложби таа да се намали. Првиот и единствен узурпатор е токму човекот. Однесувањето на човекот кон сето она што го опкружува мора да се промени. Да се прекине со секакво и за различна намена, сечење на шумите. Плинот (гасот), колку е тоа возможно, да стане прв енергенс, а со тоа и неговата примена да се зголеми. Овие содржини на телевизиите е препорачливо да ги гледаат колку што е можно повеќе гледачи, особено Скопјани, бидејќи сме сведоци на секојдневно уништување на градот.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

Гледачите не е упатно да гледаат програми или филмови на телевизиските програми чија содржина изобилува со експлицитен секс, особено пак во друштво со своите деца или блиски. Инаку, јас сум голем љубител на филмови, но забележувам дека криминалните жанрови и тоа со многу убиства и крв ги преплавуваат екраните. Веројатно тогаш и адреналинот на гледачот се зголемува и едноставно кажано, го привлекуваат тие содржини без разлика дали носат некоја порака или не. Се залагам, дури и предлагам, секој на екранот да си избере филм или програма со ведар, забавен и хумористичен жанр, документаран, спортска содржина.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Главниот град се’ уште има простор за откривање и за негово сознавање. Порано гледавме секојдневни емисии наменети за Белград , Загреб и за другите градови од заедничката држава. Градот станува метропола и неопходно е да живее со проблемите и нив промтно да ги решава. Секој проблем ќе се актуелизира, доколку биде јавно изнесен. Мислам дека ретко кој се сеќава на некогашните маала – Стара нова бања или Дуќанџик, од левата страна на Вардар. Нив ги спомнувам како пример за да ги лоцираме каде се сега и евентуално што е изградено на нивните места, а такви помалку познати и задскриени места во Скопје има многу. Градот, неговото минато, сегашност и иднина можеме да ги илустрираме и со разговори со овде познати урбани легенди.

 Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Би направил емисија со содржина која повторно би го актуелизирала опстанокот на планетата Земја. Едно е сигурно и јасно: веднаш мора да се прекине и тоа веднаш со сечење дрва и уништување на шумите. Истовремено, да се  намали концентрацијата и испуштањето гасови во атмосферата и, секако рационално да се троши водата. Ќе настојувам, ако веќе подготвувам емисија, сето претходно кажано да му го наметнам на гледачот. Зарем не сме свесни дека ако го расфрламе сметот секаде и неконтролирано еден ден ќе се загушиме во него.

Претходна вестПак ветија дека ќе проработат сите мерни инструменти за составот на воздухот
Следна вестРусите побрзо ја пратија кучката Лајка во вселената од Шилегов стационарот што го прави