Кризата ќе пројде додека да се договорат кој кај кого да дојде

Политичарите во Македонија секој ден ни наметнуваат стравови дека иде страчна енергетска криза. А слабо ги има оние од Владата секој ден да се растрчани и да ја пресретнуваат таа криза.

Министрите деновиве је убедуваат јавноста дека се ќе биде во ред, дека грејната сезона ќе започне, но некако нема убедливи докази дека енергенсите се набавени. Се уште се водат преговори, час со Србија за трампа на нашата струја со нивниот гас, те со Бугарија за набавка на струја со помош на ЕУ која би ја платила разликата во цената…, но сето тоа е далу од договореното.

Власта и опозицијата излегоа со свои енергетски планови и предлози како да се надмине кризата по што, за жал, се случи она што беше и случај со низ други важни прашања за државата: спротивставени мислења, ставови, непомирливост, неединство, одбивање да се покаже волја за договор, за задничка желба да се работи во интерес на сите граѓани. Полигон за собирање на политичките поени станаа прашањата од тоа чиј енергетски план е подобар, кој од кого го прекопирал и сублимирал, кој обезбедил поповолни и поефтини понуди за набавка на гас, струја, мазут, јаглен… па се до тоа каде ќе се одржи средбата? Дали во партискиот штаб, дали во Владата, кој кај кого ќе дојде…?

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако го промовира својот концепт за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“ ги покани владините функционери во партиското седиште.

-Побарав средба со Димитар Ковачевски за да го образложам концептот за оваа но и за следната година, како да се оптимира искористувањето на домашните ресурси и да се обезбеди евтин енергенс, дезертираше, одби. Го повикав на ТВ дебата пред македонската јавност, повторно дезертираше, одби со изговор дека не било сега време. Го повикав и Фатмир Битиќи како одговорен за економски прашања во владата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одби да дојде, стоеше во писмено обраќање на Мицкоски.

Од спротивната страна, премиерот Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи го поканија Мицкоски да дојде на седница на Економскиот совет на Владата за да го образложи својот план.

-Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи. Економските политики се креираат институционално во Владата, на Економскиот совет и со учество на сите засегнати страни и одлуките, пак, се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури, соопшти премиерот Ковачевски.

Ќе се договорат ли што ќе направат? Што ќе им биде поважно, решение на кризата или кој кај кого ќе отиде?

Дали ќе го видиме на дело нивниот најнов изум: Граѓаните да се греат зимава на меѓупартиски кавги и конфронтации?

Претходна вестЕВН го санира испадот на 100-киловолтен далекувод кој утринава го остави половина Скопје без струја
Следна вестНема учебници, ќе има Совет