Крмов: Ковачевски ја злоупотребува премиерската функција за црна кампања против Левица

Дали стравот од енормниот раст на Левица и очигледната пасокизација на СДС е толку голем што решивте да ја злоупотребувате и премиерската функција за теснопартиски и дневнополитички интереси, прашање е кое вчера пратеникот Борислав Крмов му го упати на премиерот Димитар Ковачевски. На собраниската седница посветена на пратеничките прашања Крмов ја потенцираше намерата на премиерот на приклучување кон црната кампања која се води спрема Левица во изминатиот период.

Тој укажа дека десетина дена се случува една црна кампања против Левица.

-Меѓу другото, го извадија од нафталин Бранимир Јовановиќ кој беше поранешен соработник во министерството за финансии кој секогаш се појавува во јавноста кога на Левица и иде добро. И тоа ќе беше во ред, препукување меѓу две партии, се додека премиерот не одлучи да ја злоупотреби својата функција и на прес-конференции организирани од Владата да го лиферува тоа фамозно соопштение кое кружи десетина дена во јавноста. Дури на три прес-конференции, од кои една со претседателот на Албанија Еди Рама и двајца евро претставници, премиерот ја квалификуваше Левица како црна сила, антиевропска сила. Неговиот говор парафразиран редовно се праќа до медиумите, буквално секој ден. Морам да и пренесам на јавноста за да стане појасно, се работи за пет реченици кои имаат мали измени и инверзија на зборови. Држите трибини секој трети ден, сте во некој вид на перманентна кампања, јас би рекол како во најубавите денови на „груевизмот“. Поради тоа, моето прашање до премиерот е дали стравот од енормниот раст на Левица и очигледната пасокизација на СДС е толку голем што решивте да ја злоупотребувате и премиерската функција за теснопартиски и дневнополитички интереси?, праша Крмов.

Претходна вестРоналдо: Единствениот сум што постигнал гол на 5 светски првенства и горд сум на тоа
Следна вестМу дошол на гости па му украл новчаник со 1.000 евра