Кучињата-скитници вчера го натфрлиле просекот во касање луѓе, на „Лајка“ уште се чека

Нови тројца граѓaни вчера биле каснати од кучиња-скитници во скопските општини Аеродром и Карпош додека се движеле пеш по сообраќајниците. Во општина Аеродром едниот напад се случил на булеварот „Србија“ каде кучето го каснало 31-годишниот Ѓ.С. при што му нанело повреда на левата нога. Второто каснување се случило на булеварот „АСНОМ“ кога кучето-скитник го нападнало 52-годишниот Д.Д. и го каснало во десната потоколеница. Во Карпош, пак, бил нападнат и каснат во левата натколеница 72-годишниот Т.А. додека се движел по улицата „Бранислав Нушиќ“.

Со овие напади и натаму продолжува црниот биланс на нападнатите граѓани од кучиња-скитници. Во просек, речиси секој ден по еден граѓанин е каснат од кучињата кои ги има во глутници по населбите. Полициските податоци покажуваат дека само во првите шест месеци од годината на подрачјето на градот биле каснати 143 лица, а најмногу инициденти имало на подрачјето на општините Центар и Аеродром.

Од друга страна, граѓаните се уште чекаат да стартува новото градско претпријатие „Лајка“ кое треба да се справува со овој проблем. Почната е реконструкцијата на стационарот „Вардариште“ но таа се уште не завршува па и новото претпријатие не е почнато со работа.
Дотогаш, граѓаните и натаму се мета на кучињата…