Купуваш стан-веднаш го ставаш во залог, така е со секој петти дом во Скопје

Многу станови се градат и продаваат во Скопје. Се побројното купување на станови во градот се должи најмногу на кредити кои граѓаните ги земаат од банките, а во кои како гаранција се појавуваат токму становите. Ова се потврдува од најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности од кои се гледа дека секој пети стан во градот е ставен под хипотека заради земениот кредит. Така, во период од јули па до крај на септември минатата година во катастарската евиденција биле запишани вкупно 317.084 станови, од кои дури 20,28 проценти или 64.301 станови се под хипотека. Односно, тие служеле како гаранција дека купувачите на становите редовно ќе ги отплатуваат земените кредити од некоја од банките.

Податоците покажуваат дека во третиот квартал лани во Македонија имало вкупно 1.084.534 станови од кои дури 132.527 биле под хипотека, односно секој осми стан.

Инаку, становите во Карпош со просечна продажна цена од 982 евра за квадрат биле најскапи во градот, додека оние во општина Центар ја достигнале просечната цена од 973 евра за квадрат. Со 825 евра за квадрат трети според постигнатата просечна цена се становите во скопски Аеродром, а зад нив со 789 евра се становите во скопска Кисела Вода.