Обвинувања, деманти и контраобвинувања се случуваа денеска на релација меѓу портпаролката на опозициската СДСМ Богданка Кузеска, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Првин Кузеска денеска објави дека скандалот со подарокот од 325.000 евра за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев добива нови димензии.
-Денес објавуваме нови информации и детали со документи кои треба да ги истражат надлежните институции, Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција. Погледнете ја оваа фотографија. Фамозниот имот кој бил поклонет на Јанушев, вреден 325.000 евра е составен дел оваа зграда, во најстрогиот дел од центарот на Скопје. Она што е особено интересно е дека имот во оваа зграда, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Еве го неговиот имотен лист. Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400.000 евра. Овој случај ужасно потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа стекнати на многу сомнителен начин, рече Кузеска.
Таа го запраша Тошковски дали овој имот му е пријавен во анкетниот лист?
-Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра?, рече таа.
На ова денеска одговори министерот Тошковски кој упати порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации.
-Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 04.07.2024г. во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба. Сите податоци за мојот имот се јавно достапни на следниот линк: https://registar.dksk.mk/appointed-person/22221. Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет, наведе Тошковски.
Игор Јанушев, пак, во објавата на својот профил на Фејсбук наведе дека се трагикомични обидите на СДСМ да го дискредитираат преку лаги.
– Ве пуштав да се излизгате. Прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една парапартиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче. Прво, СДС вели дека имотот на анкетниот лист е енормно зголемен. Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017- та година. Второ, не постои никакво подарено земјиште … има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС&ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува. Трето, 7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?, наведе Јанушев кој вчера изјави дека имотот му е подарен од неговите родители.