Либерално-демократската партија „ја поздравува“ најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар во наредната влада, Христијан Мицкоски, да остане на одлуката за укинување на економските директори во клиниките и еден Клинички центар.
Од партијата потсетуват дека за истото ЛДП се залагаше и во претходната Влада, а истата веќе има донесено одлука за имплементација.
-Имено, се работи за позајмица на една од програмските определби на ЛДП, која е дел од мноштвото партиски програми за која партијата активно се залага, истакната на голем број настапи на партиските функционери и претставници во Собранието. ЛДП уште во 2011-та година посочи на придобивките од воведувањето на радикална реформа во гломазните, неефикасни и скапи државни институции, што значи намалување на бројот на пратеници, кратење на министерства и спојување на институциите од слични сфери.
Потсетуваме, со ваквата реорганизација и рационализација на државниот апарат се добива оптимизиран и ефикасен државен систем, од кој бенефит ќе имаат граѓаните, стои во соопштението на партијата на Моника Зајкова.
Според ЛДП, „недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат во благосостојба“.
-Во Собранието, остануваме да се бориме за Македонија да стане една изборна едница со отворени листи за избор на советници за поквалитетни претставници на граѓаните, намалување на паушалите на членовите во управните и надзорните одбори во кои истите се екстремно високи и укинување на функцијата заменик директор. Го потсетуваме Мицкоски покрај мерките за намалување на бројката на пратеници, директори, укинување на заменици директори и членови на управни одбори, да размислува и на темата за воведување на една изборна единица на територија на целата држава. Со воведување на една изборна единица и отворени листи значително ќе се подобри и ќе се рационализира изборниот систем. Затоа, го поздравуваме овој обид на владата која доаѓа. ЛДП, како современа и отворена партија на идеи, нема да бара благодарност туку доследност доколку се позајмат квалитетни решенија од нашите програми од страна на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кога се работи за доброто на граѓаните, сите цели и напори стануваат заеднички, се наведува во партиското соопштение.