Home АКТУЕЛНО Лефков: Градоначалници на СДСМ преку тендери испумпувале пари

Лефков: Градоначалници на СДСМ преку тендери испумпувале пари

0
Лефков: Градоначалници на СДСМ преку тендери испумпувале пари

Преку тендери се правело криминал. Поточно, градоначалниците на СДСМ имале изграден систем на криминални тендери, кажа денеска на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, излегуваат на виделина матните зделки кои градоначалниците на СДСМ во претходниот мандат ги имаат направено.

-Ќе откриеме скандалозна тендерска постапка спроведена во општина Бутел во времето на мандатот на Велимир Смилевски, градоначалник од редовите на СДСМ. Станува збор за тендер за изградба на ново јавно улично осветлување на територија на општина Бутел во 2021 која го добила компанијата Друштво за производство трговија и услуги ПРОВИЗ ДООЕЛ увоз – извоз Визбегово Скопје, согласно огласот под број 12277/2021 – вредност на склучен договор со ДДВ, 12.036.000 денари. Компанијата посочениот тендер го добива врз основа на најниска понуда, постигната на јавниот повик ама во т.н. „најниската понуда“ која е добиена како збир на единечни цени се крие сериозна манипулација и злоупотреба, вели Лефков додавајќи:

-Компанијата согласно техничката спецификација нуди екстремно ВИСОКИ цени по единица производ за производи кои Општината ги набавувала во големи количини, и екстремно НИСКИ цени за производи кои Општината според договорот ги бара во минимални количини или воопшто не ги бара! Во услови на вакви разлики на цени за производи кои имаат слични спецификации, постои основано сомнение дека поскапите секогаш биле преферирани за набавки, и на тој начин освен што се злоупотребувал тендерот, биле трошени енормни народни пари со цел богатење на приватни фирми, објасни Лефков.

Тој смета дека по ова се наметнува прашањето дали Велимир Смилевски ги злоупотребил своите овластувања и од компанијата ПРОВИЗ набавувал огромни количини од поскапите продукти? Дали на овој начин се испумпувале парични средства од буџетот на Општината на сметка на приватни компании? Дали разликата и добивката од набавката на поскапиот продукт му е исплаќана на сметка или „на рака“ односно во готово?

Доколку се докаже дека Општина Бутел ги набавила производите кои имале екстремни цени, а ги избегнувале продуктите кои чинеле по 1.8 денари тогаш се работи за класичен криминал со кој, како што оценува тој, се испумпувале буџетските пари на сметките на приватни компании и за тоа мора да има кривична одговорност.

Ги повика надлежните институции да го испитаат овој тендер, ЈО да постапи согласно своите надлежности, а Финансиската полиција да провери каде завршувале парите од сметките на оваа приватна компанија.