Лекарите алармираат: Мерките се слаби, двојно ќе расте бројот на новозаразени

Во последно време нема редарски служби пред некои од моловите за да контролираат дали некој има или не сертификат за вакцинација. Иако и додека имаше, лесно поминуваа фалсификат сертификатите заради тоа што редарите немаат законско право да бараат документ за идентификација на граѓаните. Во исто време, владата меѓу двата циклуса ги олабави мерките, ги отвори ноќните клубови, дозволи на иста маса во кафеана да нема ограничување колку луѓе ќе седат.

Но лекарската фела и во овие мерки гледа сериозна грешка, особено откако е видливо она што се случува веднаш преку северната граница, во Србија. Стравуваат дека двојно ќе се зголемува бројот на новозаразени буквално преку ноќ.

-Неприменувањето на превентивните мерки малку порано ќе доведе до многу силен ивицијален бран на Ковид, посебно со Делта варијантата, пример кој што го видовме во Словенија, во Хрватска, во Германија па и во Русија, кога практично бројките на новозаразени за 24 часа се дуплираа. Тоа е силен удар за здравствениот систем, да не заборавиме дека здравствените работници се преработени, тие се уморни, веќе се на крајот на своите сили, вели доктор Злате Мехмедовиќ за Алфа.

Од друга страна, негови колеги проценуваат дека бројката и сега е двојно поголема од таа што се прикажува, бидејќи луѓето стравувајќи да не завршат фатално и неверувајќи на третманот за лекување во ковид центрите – или приватно се тестираат со брзи тестови кои нигде не се пријавуваат, или не се ни тестираат.

-Јас мислам дека сега ние имаме над 1000 на ден, не се регистрираат сите. Прво треба сам да плати, второ има лесни случаи заради вакцините, кај младите има многу лесни настинки. Ново од минатата година е што има релативно ефтини тестови во аптеките, значи сами испитуваат и ако испадне позитивен ако е некој млад човек нема никој да го пријави, се надевам ќе биде во изолација но нема да биде во таква строга изолација, вели микробиологот Никола Пановски.

Во соседните земји мерките се заоструваат. Србија го скрати работното време на угостителските објекти, казината и обложувалниците до полноќ, а учениците одат на принуден распуст до 12 ноември.

Претходна вестДали 10 километри пат треба да се прави 10 години? За Блаце и Петровец прашуваме
Следна вестПремиера на „Птица со глава меѓу нозе“ на Коле Ангеловски во Драмски театар