Лекарска комора објави листа на доктори со важечки лиценци за работа

Лекарската комора на нивната веб-страница, со одлука на Извршниот одбор, објави информација за доктори кои се носители на важечки лиценци за работа, со цел, како што велат, да се подобри транспарентноста во работењето и безбедноста на пациентите. Листата содржи информации за име и презиме на докторите, нивната специјалност, бројот на лиценца и датумот на важност.( https://lkm.org.mk/mk/record/121/962/lista-na-doktori-so-vazhechki-licenci)

Таа е јавно достапна и сите заинтересиран правни и физички лица може да проверат дали одредено лице е носител на лиценца за работа на доктор.

-Обезбедувањето на јавна достапност на овие информации очекуваме дека ќе ги обесхрабри обидите за непочитување на правните прописи со кои е регулирана докторската дејност, велат од Лекарската комора.

Објавените податоци, како што посочија оттаму, се добиени од Регистарот на издадени, обновени и продолжени лиценци што го води Комората.

Листата е најавено дека ќе се ажурира на секои четири месеци со нови податоци за издадени, обновени и продолжени лиценци.

-Комората упатува препорака до здравствените установи пред да реализираат ново вработување преку јавно објавената листа да проверат дали докторот има важечка лиценца за работа. Проверка имаат можност да прават и медицинските факултети за запишување на специјализации, супспецијализации и за други потреби како и сите надлежни институции кои во вршењето на своите надлежности, имаат потреба да потврдат дека некое лице е носител на важечка лиценца за работа на лекар, велат од Лекарската комора.

Оттаму истакнаа дека вакви информации објавуваат и коморите во другите држави од регионот како Србија, Хрватска, Словенија како и западноевропските држави.

 

Претходна вестВладата ќе работи спортските канали да се емитуваат на македонски, албански и другите јазици
Следна вестПриведени седуммина малолетници во Карпош кои претепале 17-годишник од Скопје