Лекарска комора за случајот „Жан Митрев“: Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци

Не може да се разгледа одземање на лиценцата за работа на клиниката „Жан Митрев“ бидејќи основа за тоа би било само донесена судска пресуда за начинот на лекување на пациентите од Ковид-19, соопшти денеска Лекарската комора на Македонија.

Во соопштението се наведува дека согласно Законот за здравствена заштита, имаат овластување за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценца за работа на докторите по медицина, но дека за тоа прво е потребна одлука од судот.

– Кога е во прашање стручноста на лекарот, законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаи се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот, се вели во соопштението.

Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин, се додава во соопштението, поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело.

– Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда, потенцираат од Лекарската комора.

Од Лекарската комора дополнуваат дека од започнувањето на пандемијата со Ковид 19 поднесени се поголем број барања за вонреден стручен надзор, но оти на овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика.

-Во комисиите кои треба да го направат надзорот, се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои истовремено се ангажирани на работните места поради зголемениот број на пациенти, порачува ЛКМ.

Претходна вестОткажан протестот на сопствениците на дискотеки, Спасовски „лично ќе се заложи“ за решавање на проблемот
Следна вестЦената на такси – превозот врзана со цената на бензинот: Старт 50, секој километар – 30 денари