Лесно е да менуваш имиња на улици, ајде Шилегов – направи нови 

Скопје има мака со недоволно широки улици. Скопје има мака со многу дупки на улиците. Скопје има потреба од нови улуци.

И еве скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера се сети на улиците – обзнани дека е составен списокот на предлози од кои ќе се изберат новите имиња на сообраќајниците по градот. Селекцијата била направена од околу 1.600 предлози кои ги доставија граѓаните и институциите на јавниот повик на Градот Скопје. Па така, меѓу предлозите се најдоа и имињата на  писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, ликовните уметници како Петар Мазев, Димитар Кондовски, Борка Аврамова и културните уметници Есма Раџепова-Теодосиевска, Мери Бошкова, Неда Гешоска… и многу други.

 Очекувам на наредните седници на Советот на Град Скопје, да започнеме со постапка за преименување на улиците. Моја желба е да ги вратам старите имиња на улиците, изјави вчера скопскиот градоначалник.

Кои имиња ќе се менуваат останува да се види. Останува да се види и кога Шилегов ќе се сети на вистинските проблеми кои ги има Скопје со улиците.

Инаку, познато е дека ова нема да биде за првпат да се менуваат нивните имиња. Поголеми или помали менувања имаше неколкупати во изминативе години од осамостојувањето на Македонија, зависно од тоа кој е на власт во Градот. И така во круг, во недоглед, при што најголеми проблеми се создаваат на граѓаните со нивните адреси, лични документи…

Претходна вестСончево и топло, од утре попладне освежување со дожд
Следна вестПријава за неносење маски добиле 578 граѓани