Левица: Судско-обвинителската династија на СДС-ДУИ-ДПМНЕ го уништува судскиот систем

Од политичката партија Левица реагираат на најновата ранг листата, објавена од Академијата за судии и обвинители, на кандидати кои положиле и ќе бидат следните судии и обвинители. Со оглед на тоа што најголем дел од кандидатите се деца или членови на семејството на актуелни политичари ова според нив дополнително ќе го поткопа судскиот систем

– Најголем дел од кандидатите кои положиле се деца на актуелни политичари, како синот на Таљат Џафери – Барлет Џафери, за кој се обзнани дека полагал правосуден испит, иако не исполнувал услови и наместо да биде санкциониран, тој е награден на овој начин. Понатаму, сопругата на сегашниот градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски е една од кандидатите од оваа листа.

Династијата Муцунски започнува уште со неговиот татко, Звонко Муцунски, кој е дипломат од кариера. Неговиот син, Тимчо Муцунски, во 2015 година незаконски беше избран за асистент докторанд на Правниот факултет, се истакнува во соопштението од оваа партија.

Тука е, како што додаваат, и сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази, која е 51-ва на ранг листата. И таа, како и Барлет Џафери, ќе биде јавен обвинител.

Наместо воспоставување систем на професионализам и отстранување на непотизмот, кој 30 години како метастаза се шири и ја намалува довербата во судството,велат од оваа партија.

Според Левица, се бираат кандидати за судии и обвинители и се прават недопирливи династии. Од друга страна, како што велат, се создава плодна почва за судии и обвинители од „тефтерчиња”, кои нема да го гонат криминалот и корупцијата на роднинско поврзаните функционери, а политичката култура на деградирање на владеењето на правото е заеднички креирана од СДС-ДУИ-ДПМНЕ, преку обезбедување на гаранции за неказнивост на нивните криминали.

Претходна вестИ вториот осомничен за тепањето на Пендиков, лишен од слобода
Следна вестШто се случува во ДУИ, зошто им ја снема монолитноста?