Левица: За два месеца Владата не задолжи 938 милиони евра

Веќе е премногу очигледно дека Владата не може да функционира без нови задолжувања, кои во 2023 година ги проектира на рекордно ниво, речиси 1,7 милијарди евра, а со тоа, должничкото ропство е сè поевидентно, предупреди денеска партијата Левица.

Ова опозициска партија во соопштението наведува дека Владата ја издаде деветтата еврообврзница, со која нè задолжи 500 милиони евра и дополнителни 100 милиони евра од инструментот за макрофинансиска поддршка на Евопската Комисија.

-Оваа еврообврзница која претходно беше откажана поради пропустите од нестручните и неписмени владини „експерти“ и некоординираното и неодговорно работење на власта, овој пат ќе нè чини многу повеќе, ќе се плаќа повисока купонска камата од 6,96 отсто! Со новите задолжувања ќе се враќаат старите долгови и ќе се покрива буџетското салдо, кое е негативно во континуитет и во моментов изнесува 200 милиони евра. Затоа власта покрај странските задолжувања сè повеќе нè задолжува и на домашниот пазар. Преку државни записи оваа година нè задолжија на пократок рок за 163 милиони евра, а преку државни обврзници од кои поголемиот дел достасуваат во 2038 година и со купонска каматна стапка над 5 отсто, Владата ги задолжи и неродените деца само за два месеца во износ од 175 милиони евра., потецнираат од Левица.

Се укажува дека сè почесто доцнат платите во јавниот сектор и се наметнува прашањето за финансиската ликвидност на буџетот и способноста на власта да ги сервисира тековните обврски.

-Идните генерации ќе бидат задолжени со многу поскапи кредити за отплата на старите долгови и камати, за покривање на дупките во буџетот, без да имаат некоја корист и придобивка од овие задолжувања, напротив, само ќе го плаќаат цехот на луксузното и расипничко живеење на власта. Решение има, но власта не сака да се замери со странците кои се доминантни сопственици во голем дел од „домашните“ трговски друштва, затоа и не воведува прогресивно оданочување, а сузбивањето на сивата економија, со која би се собрале значајни приходи во буџетот, не е ни започната, најмногу поради коруптивните влијанија овозможени од нејзина страна, нагласуваат од Левица.

Претходна вестПо масовните протести Грузија го повлече предлог-законот за „странски агенти“
Следна вестФранција „гори“, милиони се на улица против реформите на Макрон