Лимените тараби се главниот споменик на плоштадот „Македонија“, а користат и како полско ве-це

Сте виделе ли во некоја светска метропола, главниот плоштад да е запоставено градилиште? Зошто такво нешто има во Скопје? Ова се вообичаени прашања на скопјани, но и на туристите кога ќе прошетаат по највредниот скопски простор – централниот градски плоштад „Македонија“. Повеќе градилишта, а сите запоставени. Така е од која и да е страна да му се пристапи – од Камениот мост, од плоштадот „Пела“, од правецот на улицата „Орце Николов“… Згради опкружени со скелиња кои само што не паднале, лимени тараби кои се целосно расклатени, искинати заштитни платна, железни арматури кои штрчат од бетонските столбови, уринирани ѕидови… се слики што скопјани и туристите го гледаат веќе со години. Работите се целосно запрени, недоправените објекти пропаѓаат, а лимените огради и оставениот градежен материјал направија вистински лавиринт со кој доаѓањето на плоштадот станаа авантура, тешкотија, срам…

– Ова навистина е грдо. Каде и да се свртиш нешто почнато, а недоправено гледаш. Со години стојат вакви. Кога одам кон плоштадот повеќе внимавам да не удрам во некоја тараба или шипка отколку што уживам во тоа што сум на главниот плоштад. Не може ова вака да се остави незавршено. Што ли мислат туристите за нас…, ни вели скопјанецот Радомир Поповски.

Екипа на „Скопско ехо“ деновиве го обиколи скопскиот плоштад. Ако му приоѓате од правец на мостот „Гоце Делчев“ прво што сретнувате се лимените тараби на мостот кој беше наменет за панорамско тркало и на идната Градска куќа. Двете градилишта се речиси споени, а за минувачите е оставена само една тесна патека од метар – два. Кога врне таа се поплавува со вода и поминувањето не е можно. За да се стаса до плоштадот потоа се оди покрај тарабата на Градската куќа. Таа веќе пропаѓа, и најслаб ветер ја урива а кога ќе падне открива како е запустено целото градилиште. Објектот кој до фаза на карабина треба да го заврши рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и потоа да го предаде на Владата, со години не се прави. Опколена со скелиња, со искинати платна… делува морничаво. Исто како што морничаво делува и незавршениот објект до Куќата, а кој треба да биде хотел. И тој, опкружен со тараба, е оставен да пропаѓа. До пред година од фирмата на овој бизнисмен даваа изјави дека ќе се продолжи со градбата, но веќе со месеци нема никаква нова најава.

А двете недоправени згради почнаа да го уништуваат и направениот Летниковец во кој е поставена скулптурата „Вљубени“. Место кое е предвидено за фотографирање на брачните двојки кои ќе се венчаваат во Градската куќа сега е претворено во депонија и јавен тоалет. Измет, траги од уринирањето, отпадоци, празни гајби, шишиња… сето тоа го забележавме на овој објект оддалечен само педесетина метри од центарот на плоштадот. Очигледно е дека стои со месеци неисчистен и дека за него никој не се грижи.

– Несовесни (не)луѓе го испоганија плоштадот. Си вршат нужда по и околу тарабите. Ужасно. Смрди, а се работи за центарот на Скопје, ни реагира скопјанка која поминуваше кај тарабите пред МЕПСО.

Ништо подобро не изгледа ни околината на постаментот кој беше наменет за споменик на Мајка Тереза…

– Очигледно нешто не е во ред со законот. Тој дава можност со градба да се започне во рок од две години, а завршувањето на градбата да биде во рок од шест до десет години. Тоа е предолг рок за да се толерира ништо да не се прави на некој објект, посебно ако тој се наоѓа во најстрогиот центар на градот. Властите треба да бидат заинтересирани објектот што побрзо да почне и што побрзо да се заврши. Во договорите што се прават мора да се стават такви клаузули кои ќе го одразуваат интересот на државата и на градот, она што е предвидено да се направи да се и заврши, а не да се чека да истече целиот десетгодишен рок, смета Никола Велковски, поранешен градски архитект на Скопје.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО