Лицето кој допатувало од Дубаи имало грип, а не коронавирус

Грип, а не коронавирус има патникот кој во Скопје допатувал од Дубаи, покажале тестовите направени на Клиниката за инфективни болести. За ова денеска информира министерот за здравство Венко Филипче.

-Вториот случај што го тестиравме за коронавирус е негативен. Станува збор за патник кој шест дена престојувал во Дубаи и има инфлуенца тип Б, рече Филипче.

Синоќа на Инфективната клиника беше примен и италијански државјанин кој се пожалил на стомачни проблеми, но тестовите за коронавирус и кај него беа негативни.

Министертот Филипче ги потенцира препораките на Владата да не се патува во Италија и да се придржува до превентивните мерки.

-Апелирам до пациентите кои доаѓаат од критичните места точно да одговараат на прашањата на граничните полицајци и на вработените во царина. Да не кријат информации. Да се придржуваат до упатставата кои ги добиваат во информативните материјали на аеродромите и на граничните премини, и доколку се сомневаат на симптоми, да не одат по клиниките, туку да се јават на еден од десетината телефони во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје, рече Филипче.