Љупчо Коцарев: Каде ќе бегате од светлината на вистината и од судот на вашите поколенија?

Каде ќе бегате од светлината на вистината и од судот на вашите поколенија?, прашање е кое до Македонците во извршната власт и во Собранието денеска го постави Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ. Во својата колумна во весникот „Нова Македонија“ насловена како „Ода на разнебитувањето“, тој повторно укажува дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Преспанската спогодба се две димензии на една иста општествена испреплетена реалност, однапред осудена на пропаст.

Текстот на колумната го пренесуваме во целост:

Во изминатите пет години, во Македонија се разнебитија воспоставените принципи, вербата во иднината, изградените институции и поредок, без да се слуша гласот на совеста и на народот, поради што се потресе душата на секој Македонец, кој единствено ова парче земја го има за своја држава, а верувам и на секој граѓанин што ѝ е лојален. Македонија се претвори во место каде што царуваат неуки трговци со државните интереси, трговци со македонизмот, продавачи на честа, доблестите и достоинство, пред сѐ, на македонскиот народ, но и на сите граѓани на Македонија. За сметка на тоа, овие години беа исполнети со празни ветувања, лаги и манипулации, најмногу од оние што најмалку треба да го прават тоа. Така, на пример, би подвлекол дека зборовите: „Наместо за ширење брза, навремена и точна информација, дигиталните платформи многу често се злоупотребуваат за пласирање дезинформации за остварување влијание и насочување на јавното мислење во функција на одредени агенди“, ги изговори манипулатор, кој, всушност, за жал, секојдневно ги користи медиумите и платформите за ширење дезинформации, рушејќи ги, притоа, демократските процеси.

Во изминатите пет години, брзоплето и непромислено или, поверојатно, за одговорните чинители, според однапред јасно и прецизно осмислено сценарио, без да се оценат оправданоста и големината на влогот и дали воопшто целта, наречена ЕУ, ги оправдува вложените средства, прво беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, а потоа и Преспанската спогодба. Притоа, од многубројните честитки за разнебитувањето на Македонија, особено би ја издвоил честитката на првиот човек на државата, на претседателот: „Им честитам на сите македонски граѓани за официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ“, на кој во нормално цивилизирано општество народот би требало прво да се потпре, а кој, всушност, ја злоупотреби својата функција пласирајќи дезинформации и манипулирајќи со својот народ. Имено, во протоколот јасно пишува дека „следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако… Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани што живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ“. Оттука, ако во протоколот пишува: „комплетирање на фазата на отворање на преговорите“, тоа значи дека преговорите де јуре и де факто сѐ уште официјално не се започнати. Понатаму, би се фокусирал на уште една од низата негови дезинформации: „Започнуваме нова фаза за политичка интеграција, да станеме дел од европското семејство на нации, каде што македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Унијата.“ Притоа, во врска со тоа, би подвлекол дека веќе на многумина им е јасно, освен можеби на неколкумина, зборувајќи лаконски, ин медиас рес, дека Грција имаше проблем со терминот „Македонија“ и сите нејзини деривати, додека, пак, Бугарија со историјата и јазикот на македонскиот народ, а не со терминот „Македонија“ и нејзините деривати.

И нивните проблеми денес се решени. Грција го постигна тоа што го бараше токму со Преспанската спогодба: термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено и во ООН. Бугарија, пак, го постигна тоа што го бараше со протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија: Бугарија да ја надгледува и пишува историјата на македонскиот народ (поточно „северномакедонскиот“, бидејќи изразот „македонски народ“ веќе не смее да се користи во официјална употреба), а како последица на тоа, македонскиот јазик да стане дел од бугарскиот, поаѓајќи од јавно заземениот и искажаниот официјалниот став на Бугарија: „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“. Македонија, пак, загуби сѐ, а доби понижување и исмејување од сите, со исклучок, повторно, на неколкумина дворски шутови, и празни ветувања за почеток на проговори, кои, ако се суди според динамиката на процесот во Србија и во Црна Гора, доколку воопшто некогаш почнат, ќе траат вечно.

Во изминатите пет години недвосмислено и непобитно се издигна единствената вистина дека за да опстоиме треба да повторуваме два научни факти, и тоа постојано, така што ќе ги научиме наизуст, како молитва или мантра за повторно да не погрешиме, но и за да го поправиме веќе погрешното и изгубеното. Прво, македонизмот вклучува две особини: (1) просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик и (2) македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија) и низ целиот свет.

Двете иманентни карактеристики на македонизмот се неделиви една од друга, всушност тие претставуваат две димензии од иста сплотена реалност, па затоа тие не можат да се одвојат и да се гледаат засебно, односно изземањето на која било од нив, подразбира разнебитување на Македонија. И затоа е клучно тоа да се има предвид и како такви тие да се присутни секаде: во нашите политики, преговарачки рамки и стратегии за развој. Второ, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Преспанската спогодба се две димензии на една иста општествена испреплетена реалност, однапред осудена на пропаст. Зошто? Затоа што тие не се во согласност со македонизмот, па оттука, двата документа се недржавнички и неуставни акти и затоа треба, што поскоро, да се раскинат!

Во изминатите пет години дури и најтврдокорните поддржувачи на тие што го имплементираат сценариото на креаторите на македонското разнебитување ги изгубија и верата и надежта, па почнаа да прашуваат „со изнемоштен, растреперен глас, полн со болка, со очајание и горчина: Каде ќе одиме? Каде нè водите и каде нè доведовте?“ Сфаќајќи дека водачите се слепи, така се родени, во смртен страв, на прашањето: „Каде ќе одиме сега?“, следбениците сами одговараат: „Не знаеме!“ Но, другите, оние што не се следбеници, јасно гледаат каде одиме: во амбис, во бездна, во целосно истребување, изумирање и разнебитување.

Во изминатите пет години „Ограбени се храмовите и светиите, / Исмеани се честа и доблестите, / Понижени се гробовите и животите, / Извалкано е опелото и крштевките.“ Во изминатите пет години „Својата мудрост ја расфрлавме на избори, / Својата храброст на измами и бедотии, / На иднината ѝ ги затрувме сите извори, / А поразите ги прогласивме за победи.“

Последниот мој текст во „Нова Македонија“ заврши со повикот „Придружете се!“ Но тоа беше повеќе крик за опстојба, за будење на мојот народ што живеел, живее и ќе живее за својата татковина, а кој со надеж ја прифати пораката на текстот. Затоа, чувствувам обврска за преземање конкретни чекори, повторно повторувам, единствено како интелектуалец на ова наше општество, за трасирање на патот за излез од кризата заради градење светла македонска иднина. Па затоа, денешново обраќање ќе го завршам преземајќи го јавно и недвосмислено првиот таков чекор. На прашањето: „Дали сте оптимист во однос на втор мандат како претседател на Македонија?“, претседателот одговара: „За време на целата моја кариера, никогаш не сум разгледувал какви било идни потези без притоа да ја имам поддршката од мојот народ“. Оттука, а водејќи се од гласот на народот (вклучувајќи ме и мене), јас би рекол дека во изминатите неколку години се изнаслушавме голем број контроверзни, манипулативни и недостоинствени изјави на претседателот, па затоа Вие немате кредибилитет, ја немате мојата поддршка и, според тоа, Вие не сте достоен претседател.

Претседателе, Македонци во извршната власт и во Собранието што ги поддржувате Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, па така и разнебитувањето на Македонија, толкувајте ги зборовите, одгатнете ја пораката што се крие во нив: „Мрак ги потисна нашите дни, / Не се гледа на нашата земја одот; / Но, кога пожарот ќе ги зафати сите страни, / Каде ќе бегаме од светлината и од судот!“ Иако мислам дека нема потреба, сепак, би ви помогнал: „Каде ќе бегате од светлината на вистината и од судот на вашите поколенија?“

Претходна вестПробиштипјанец мамел жени од Битола преку Фејсбук, спечалил пријава
Следна вестКомора на приватно здравство: Матичните лекари да добиваат плата за работа во ковид амбуланти