Локални избори во Хрватска

Денес во Хрватска се одржуваат локални избори, на кои учествуваат повеќе од 38.000 кандидати за позиции во репрезентативните тела и извршната власт во општините, градовите и жупаниите.

Граѓаните избираат градоначалници и водачи на жупаниите на локалните избори.

Најголемата битка се води за Градот Загреб, каде градоначалникот Милан Бандиќ беше градоначалник во шест последователни мандати.

Во избирачкиот список за локалните избори има 3.660.165 гласачи кои ќе гласаат на 6.572 избирачки места.

Граѓаните ќе изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде Хрватите се малцинство, јавуваат хрватските гласила.

Челниците на извршната власт се избираат со мнозинство гласови, а за да бидат избрани денеска, тие мора да добијат повеќе од 50 проценти од граѓаните кои го дале својот глас, а доколку освојат помалку од половина, ќе имаат нова шанса на 30 мај, кога во вториот круг се бира меѓу двајца кандидати со најголем број гласови.

Резултатите од изборите се очекуваат со посебно внимание во четири големи градови: Загреб, Сплит, Риека и Осиек и засега е сигурно дека сите четири града ќе добијат нови градоначалници, бидејќи неодамна почина долгогодишниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, а останатите досегашни челници Андро Крстуловиќ Опара, Вељко Оберснел и Ивица Вркиќ не се кандидираа повторно.

Со оглед на епидемиолошките мерки, сите хрватски граѓани со право на глас можат да влезат во Хрватска без оглед од која држава доаѓаат, без потреба да дадат некаква потврда, но имаат право да останат во Хрватска до 12 часот, пишуваат тамошните медиуми.