Љубовта кон виолината ме донесе на студии во елитниот „Џулиард“ во Њујорк

Пред 12 години е неговото прво одење на еден концерт на кој како седумгодишно дете се вљубил во звукот на виолината, а ова е сегашниот статус на момчето: студент на прва година на прворангираниот музички факултет во светот „Џулиард“ во Њујорк, САД. Тоа е најкус опис на она што досега го направи еден од нашите најталентирани музичари-виолинисти 19-годишниот Александар Иванов кој сега добива нови знаења на оваа престижна образовна музичка институција.

– И покрај тоа што потекнувам од музичко семејство никогаш како дете не ме притискаа да учам музика. Желбата се појави кога баба ми и дедо ми ме однесоа на првиот детски концерт на Македонската филхармонија. Бев импресиониран од звукот на виолините и од тој момент знаев дека сакам да свирам виолина. Имав само седум години, ни објаснува 19-годишниот Александар.

Потоа, музичкото образование го добивал во повеќе центри. По втората година во ДМБУЦ Илија НиколовскиЛуј учел две години во Виена на конзерваториумот Рихард Вагнер во класата на Игор Петрушевски, потоа бил примен на Royal College of mysic во Лондон, на Manhattan School of mysic и на крајот во „Џулиард“.

– Таму, конкуренцијата на аудицијата во март беше немилосрдна. Тогаш се уште бев збунет и, со оглед на тоа од каде доаѓам, очекувањата не ми беа преголеми. Но за моја огромна среќа успеав да се најдам на листата од шесте проценти примени од целиот свет. Бев фасциниран од првиот мотивационен говор на деканот на Џулиард за добредојде на новите студенти. Тој рече дека ниту еден од нас не е случајно тука и дека тие никогаш не прават грешки во избирање на најдобрите студенти. Тој ни кажа и тоа дека зад секоја врата во „Џулиард се крие чудо.., ни кажува наш музички талент.

Кога почнале предавањата и вежбите сфатил дека навистина е опкружен со идните најдобри музичари во светот и дека е во центарот на музичкиот живот.

Овде се учи, се вежба 24/7. Тука не е можно човек да се потпре само на талентот. Мора да имате добра психо-физичка кондиција. Мора безпрекорно да го организирате времето за да постигнете се, признава Александар.

На бројните настапи кои до сега ги имал со Classic FM Orchestra, со Макеоднската филхармонија, со Danube Simhony Orchestra, Curtis Summerfest Orchestra и наградите какви што се трета награда на меѓународен виолински конкурс “Недјалка Симеонова”, Бугарија.  2014, лауреат од втор степен – Москва, Русија. 2015 лауреат од прв степен – Санкт Петербург, Русија. 2016 Прва награда на Danube violin Competition во Будимпешта сега се надиоврзуваат и настапите во САД. Веќе имал концерти во рамките на оркестарот, со Гудачкиот квартет каде што свирам прва виолина.

Се наоѓам речиси на крајот од првиот семестар и многу е тешко да ја прогнозирам иднината. Целта на секој што се запишал на Џулиард е иста; да свири на светските сцени. Тука сите се извонредни и амбициозни. Но во животот освен талентот, работата и желбата постои уште една коцка во мозаикот; тоа е среќата, ни кажува Александар.

Студентите не смеат да добијат помала оценка од 9

Според тестирањата мене ме одредија во повисоките нивоа по сите предмети, така што за да постигнам се морам да работам многу. Професорите се многу строги и студентите не смеат да добијат помала оценка од 9. Дури сега го сфатив благодетот на викендите кога можам да се одморам саат-два. Но сето ова ме прави среќен и исполнет. Сакам ред и дисциплина. Тоа е патот кон успехот, ни вели наш талент.