Мајстор на пишаниот збор, Петре М. Андреевски: Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска и ниедна болест…

Македонија има повеќе мајстори на пишаниот збор. Еден од најистакнатите е Петре М. Андреевски.

-Не знам кај беше ова и не знам кога беше, јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа… Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска и ниедна болест. Пиреј е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, вели, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера…

Ова се мисли коишто се длабоко всадени во свеста на македонскиот народ, како симбол на неговото мачеништво, но и неуништливоста. Како такви станале веднаш откако биле изговорени од главните јунаци во еден од најдобрите романи напишан на македонскиот јазик – „Пиреј“ од страна на Петре М. Андреевски.

Тој роман е актуелен и сега по цели 43 години откако е испишан за да сведочи за страдањата на македонскиот народ коишто се отсликани преку животите и раскажувањата на двата главни лика – на Јон и на Велика.

Денеска се потсетуваме на големиот македонски писател, поет, раскажувач и драмски писател Петре М. Андреевски оти баш на денешен 25 септември почина пред 17 години во својата 71-ва година од животот. Роден во Слоештица, демихисарско, Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност.

Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија. Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. А негови позначајни дела се: Јазли (поезија), И на небо и на земја (поезија), Седмиот ден (раскази), Дениција (поема), Богунемили (драма), Дални наковални (поезија), Неверни години (раскази), Време за пеење (драма), Пофалби и поплаки (поезија), Пиреј (роман), Скакулци (роман), Вечна куќа (поезија), Небеска Тимјановна (роман), Сите лица на смртта (раскази), Последните селани (роман), Тунел (роман) и Сегашно минато време (есеи). Има објавено и две книги поезија за деца: Шарам барам и Касни порасни (сликовница).

Ги има добиено речиси сите позначајни награди за литература: 11 Октомври, Браќа Миладиновци (двапати), Рациново признание (двапати) и Стале Попов (двапати). Негови дела се преведени на српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и на други јазици. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија и проза, а во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Претходна вестИзбрани петте финалисти за наградата за најдобар превод „Драги“
Следна вестБензините и дизелот поевтинуваат за денар ипол