Македонците од Австралија со порака до МПЦ: Не прифаќаме јурисдикција на Вселенската патријаршија

Чекорењето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија кон Томосот за автокефалност го отвора и прашањето: во чија јурисдикција, односно, надлежност ќе се најдат нејзините четири Епархии во странство? Што добиваат Македонците во дијаспората и нивните тамошни цркви со најавеното добивање на автокефалност на МПЦ?

Откако српскиот патријарх Порфириј неодамна соопшти дека СПЦ ја одобрува и признава автокефалноста на МПЦ-ОА и дека за тоа, по канонски ред и поредок, ќе ги извести сите Православни цркви, на потег за издавањето на Томосот сега е Вселенската патријаршија. Таа на 9 мај воспостави евнаристиско општење со македонските црковни достоинственици и соопшто дека како име на нашата црква го признава „Охридска“. Но и соопшти дека нејзината јурисдикција се простира само во „границите на државата Северна Македонија“.

Како ќе реагира на ова синодот на МПЦ?

Вселенскиот патријарх Вартоломеј и македонскиот архиепископ г.г. Стефан на 12 јуни во Истанбул треба да одржат заедничка литургија по која во идниот период, извесно, ќе следи и објавувањето на Томосот за автокефалноста на Охридската архиепископија. Текстот на Томосот се дефинира по договорите на двете Цркви тој не само што е документ за признавање туку ги предвидува и правата и обврските на новата автокефална црква во однос на Вселенската патријаршија. Врзано со тоа, се очекува и дефинирање на правата на македонската црква, но и на Вселенската патријаршија, па и во однос на четирите Епархии кои постојат и делуваат надвор од нашите државни граници. Дали МПЦ-ОА ќе ја загуби јурисдикцијата врз Европската, Американско-канадската, Австралијанско-сиднејската и Австралијско-новозеландската епархија и таа ќе премине во рацете на Вселенската епархија? Искуствата покажуваат дека Цариградската црква последниве децении има силен стремеж под своја јурисдикција да ги земе епархиите на Православните цркви надвор од нивните матични државни граници. Тоа, меѓутоа, наоѓа на силен отпор од Црквите.

Но, во 2019 година, во Томосот што и го издаде на новата Православната црква на Украина Вселенската патријаршија напиша дека таа „не може да поставува епископи или да оснива задгранични епископии во странство“, како и тоа дека „сите постоечки се повинуваат на Вселенскиот престол кој ја има канонската компетенција врз дијаспората…“ Стравувањето сега е дали ваквата одредба може да се примени и во случајот со Томосот за нашата Црква? Синодскиот портпарол владиката Тимотеј неодамна изјави дека вакво нешто не се планира.

-Со тие наши епархии јас не можам да управувам а не па Вселенскиот патријарх, кусо одговори тој.

Но, меѓу нашите сонародници во странство веќе постои стравување дека би можело да се случи тие да се најдат под јурисдикцијата на Вселенската патријаршија. Од нивните редови веќе се најавува и отпор и противење кон такво нешто. Игор Александров, генерален раководител на Македонската православна заедница од Австралија од Сиднеј ни изјави дека нема да се прифати нивно ставање под управа на Вселенската патријаршија.

– Се разбира дека нема да ја прифатиме јурисдикцијата на Цариградската патријаршија.  Не прифаќаме ничија јурисдикција освен на онаа МПЦ што постои како афтокефална од 1967. Такво преминување во нечија друга јурисдикција не го дозволуваат ниту Уставите на нашите самоуправни црковни општини. Основни начела на нашите самоуправни устави се одржување и афирмација на етноисторискиот идентитет на Македонците во сите делови на поделена Македонија, како и одржување служби на македонски јазик, со македонско свештенство. Цариградска јурисдикција се коси со тие законски заштитени заложби, наведува Александров.

Тој најавува дека ќе следат и порадикални мерки доколку во Томосот, сепак,се наведе дека македонските епахии се стават под јурисдикција на Цариградската патријаршија.

– Нема никогаш да прифатиме јурисдикција на хиерархија што го оспорува автохтониот етнички идентитет на Македонците како еден народ од сите делови на поделена и окупирана Македонија.А штом нашите владици се откажале од историската МПЦ, прогласена за афтокефална во 1967, ќе бидеме отворени на нејзино возобновување во моментот кога ќе се појават тројца владици кои би направиле нов Синод, макар и задгранично, предупредува Игор Александров.

Претходна вест„Радоста на постоењето” – нова мотивациска книга во издание на „Паблишер”​
Следна вестОпозицијата поднесе интерпелација: Талат Џафери е автократ влезен во филмот дека никој ништо не му може