Македонија го слави Илинден – празник на непокорот кој ја создаде македонската држава

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, празник на кој ден се случиле најзначаните настани во поновата македонска историја. Ова е денот на кој се слави големиот христијански светител Св. пророк Илија-Илинден, но и ден кога во Крушево, во 1903 година се случили славното Илинденско востание а во 1944 година Првото заседание на АСНОМ на коешто се удрени темелите на македонската држава. Од тие причини Илинден има посебно значење за Македонците, бидејќи се слави и како верски и како национален празник, Ден на Републиката.

Свети пророк Илија Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија, татко му Савах, видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици. Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото. Кога Исус се преобразил на ридот Таор (на Преображение), за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија (кои одамна биле умрени). Тие зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт.

На денешен ден ќе се одбележат и сто и деветнаесет години од Крушевската република, односно од 2 август 1903 година кога е кренато Илинденско востание на македонскиот народ против османлиската власт под раководство на Македонската револуционерна организација, Востанието е кренато во повеќе делови на Македонија при што најголемиот успех бил постигнат во револуционерниот округ Крушево каде е прогласена слободна Крушевска република. Востаниците објавиле и чувениот Крушевски Манифест кој што повикувал на сите луѓе кои што живеат во Македонија, без оглед на вероисповест и етникум, да се придружат во борбата за слобода. Подоцна, турските сили го задушиле востанието по големите битки во близина на Слива и Мечкин Камен.

Но целите на илинденските востаници се оставриле на 2 август 1944 година, кога во манастирот „Свети Прохор Пчински“, на вториот македонски Илинден, беше одржано Првото заседание на АСНОМ. На Заседанието се донесени историски одлуки за државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во рамките на тогашната југословенска федерација. На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и извршно тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија и други важни одлуки.

По повод празникот денеска во Македонија ќе се одржат бројни чествувања. Одбележувањето на Денот на Републиката и Илинден на 2 Август ќе започне со настани во Скопје, во 8:00 часот, кога делегацијата предводена од шефот на државата Пендаровски ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“.

Потоа, делегации ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад. Одбележувањето на празникот ќе продолжи со обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски на платото во вилата на Водно во 9:00 часот, по што ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

По свеченостите во Скопје, државно-црковна делегација, предводена од претседателот Пендаровски, по осумнаесет години, по повод 2 Август – Илинден, во 12:30 ќе го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2 август 1944 година. Во состав на делегацијата ќе бидат министерката за одбрана Славјанка Петровска, пратениците во Собранието, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, митрополитот кумановско-осоговски Григориј, епископот Стобиски Јаков, како и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Сојузот на борците на НОБ. Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ и епископот врањски Пахомије, како претставник на Српската православна црква.

Пред Меморијалниот центар во Пелинце, пак, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, пред споменикот на АСНОМ, претседателот на Собранието, Талат Џафери во 10:00 часот ќе положени цвеќе. Пред споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце цвеќе ќе положи и владината делегација во состав од министрите за труд и социјална политика и за здравство Јована Тренчевска и Беким Сали и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

По полагањето цвеќе ќе следува обраќање на претседателот на Собранието, Талат Џафери и ќе биде организирана културно-уметничка програма.

Премиерот Димитар Ковачевски, предводејќи висока владина делегација, со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево. Во состав на владината делегација ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министрите за култура и за внатрешни работи, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Оливер Спасовски.

 

Владината делегација, во 8:30 часот, ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република. На спомениците цвеќе ќе положи и собраниска.

Во 10:30 часот, со присуство на владината делегација на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“ и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин камен, продолжува церемонијата во чест на националниот празник. Свечениот дел на манифестацијата ќе започне во 11:30 часот на Мечкин камен, со обраќање на премиерот Ковачевски. Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана и празнична културно-уметничка програма.

 

 

Претходна вестГрадоначалник на Крушево Христоски: Дел од коњаниците ја бојкотираат манифестацијата „10 дена Крушевска Република“
Следна вестСончево и ветровито со температура до 36 степени