Нов пакет за помош на Украина наскоро ќе се најде на одобрување на седница на Влада, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Мисајловски вели дека ние имаме обврска секоја година да издвојуваме средства за помош на Украина, бидејќи сме членка на НАТО. Тој повтори дека ние сме петти по големина донатор на помош за Украина, според БДП, и дека тоа е важно за нас да покажеме дека сме стабилна членка на НАТО
– Има дополнителен пакет за помош на Украина, мислам дека многу скоро ќе се најде на седница на Влада. Чекаме сите да добијат безбедносен сертификат, бидејќи некои од информациите се со доверлив карактер. Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани каква опрема ќе се дава. Согласно регулативата, ние секоја година треба да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО. Важно е овој период да направиме процена на сето она што сме го дале како земја, бидејќи во овој момент ние сме петти донатор на Украина и тоа ќе продолжи во иднина. Тоа е важно за Украина и важно за нас да покажеме дека сме стабилна членка на НАТО, изјави Мисајловски, одговарајќи на новинарско прашање во касарната „Илинден“ во Скопје, каде што се изврши примопредавање на донација на опрема од Република Турција за потребите на Армијата.