Македонија и земјите од Западен Балкан од Брисел ќе побараат да ја одложи одлуката за плаќање седум евра за влез во ЕУ

Одлагање на одлуката според која граѓаните на земји кои не се членки на ЕУ, а имаат безвисен режим, од 2023 година ќе треба да плаќаат по седум евра за влез во Европската унијата ќе побара Македонија и другите земји од Западен Балкан. Ова синоќа го најави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервјуто за телевизијата Сител. Тој рече дека е во комуникација со министрите за европски прашања од целиот регион за да составата едно заедничко писмо до Европската комисија и државите членки на ЕУ.

-Не станува збор за враќање на визите, туку за процедура која бара регистрација и плаќање на седум евра и важи три години. Европската комисија е можно да го прифати таквото барање бидејќи ЕУ е должна да внимава на овие работи. И во таа смисла мислам дека граѓаните имаат вистинско чувство дека тоа е непотребно, но и ние мислиме дека е непотребно во оваа фаза. Западен Балкан направи многу за Европската Унија и мислам дека треба во најмала рака да се одложи оваа одлука, истакна Маричиќ.

Македонските граѓани во моментов можат да патуваат во европската Шенген-зона без виза или какво било претходно овластување, но од 2023 година тоа повеќе нема да биде можно без поднесување онлајн барање преку Европскиот систем за овластување за патување (ЕТИАС). Според првите планови, ЕТИАС требаше да профункционира веќе во јануари, потоа беше продолжен до мај 2023 година, но сега се очекува имплементацијата на тој систем да започне во ноември следната година, што беше објавено и на официјалната веб-страница на Европската Унија. Кога ЕТИАС ќе стане оперативен, формуларот за онлајн апликација ќе се достави на официјалната веб-страница на ЕТИАС или на мобилната апликација, која треба да биде пуштена во употреба. Апликацијата за патување ќе треба да се пополни најдоцна 96 часа пред датумот на патување и мора да содржи адреса на е-пошта, детали за пасош и лични податоци.

Последниот чекор е да се плати таксата за аплицирање од седум евра, со кредитна или дебитна картичка, за сите апликанти кои се над 18 и под 70 години. Малолетниците и лицата над 70 години ќе добијат ЕТИАС бесплатно.

Претходна вестПроменливо облачно со магла во котлините
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Власта на Ковачевски и Ахмети има зад себе година со 365 скандали